Лидерот на Левица, Димитар Апасиев, денеска пред почетокот на лидерската средба порача дека едно од неговите главни барања е измена на изборниот модел и воведување на една изборна единица.
„Нашите барања веќе ги изјаснивме – промена на Изборниот законик е неминовна за следните избори, бидејќи Левица е единствената партија што досега била цензурирана во овие 35 години плурализам. Исто така, ќе ги изнесеме и економските барања поврзани со синдикатите. Не очекуваме многу од досегашниот однос на ДПМНЕ, но секогаш постои прва шанса“, рече Апасиев.
За Пржинската влада, лидерот на Левица потенцира дека немаат проблем таа да се укине, бидејќи ја сметаат за „бирократски остаток од едно време кога Македонија беше третирана како протекторат“.
„Нас ни е сеедно дали е СДСМ или ДПМНЕ на власт – и така го јадеме стапот. По тоа прашање немаме дилеми, но за другите прашања ќе инсистираме нашите барања да се прифатат, особено со шпекулациите за предвремени избори. Доколку се распишат со овој Изборен законик, ние повторно ќе бидеме цензурирани, и затоа присуствуваме на средбата“, истакна Апасиев.