Блиски соработници на Орце Камчев на клучни позиции во Алта Банка?!

by irena 13:14
13:14

Опозициската СДСМ побара истрага за Алта банка по преземањето на Стопанска банка АД Битола поради обвинувањата за наводна политичка и бизнис поврзаност на менаџментот на банката со владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ.

Во менаџерски и надзорни позиции во банката се појавуваат лица со политички и бизнис врски од домашниот политички контекст, па побараа институциите да отворат истрага за преземањето и за потеклото на капиталот.

Обвинувањата доаѓаат кога Алта Банка веќе успешно го заврши преземањето и ја ребрендираше Стопанска Банка АД Битола во Алта Банка Битола, но задржа дел од имињата во Управниот и надзорниот одбор, како и во менаџерскиот тим.

Според официјалната страница на банката, менаџерскиот тим го сочинуваат Лидија Неделкова, Наталија Мицковска, Ирена Алаѓозовска Кечовска, Наташа Савова, Наталија Михајлоска, Николче Трајчески, Марјан Закев и Јован Николовски.

Неколку имиња од нив биле предмет на контроверзии и пишувања во медиумите како соработници блиски до Камчев кој беше еден од најголемите акционери во Стопанска банка АД Битола, сега Алта Банка Битола.

Една од нив е Лидија Неделкова, поранешна судијка која беше разрешена од Судскиот совет, а која наводно била блиска со претходната власт на ВМРО-ДПМНЕ во времето на Никола Груевски.

Марјан Закев, член на менаџерскиот тим, кој во минатото бил сопственик и управител на фирма поврзана со офшор-структури и бизнис кругови блиски до Мијалков и Камчев, како и со предметот „Империја“.

Наташа Савова е нов директор за маркетинг во Алта банка Битола. Таа е блиска соработничка на контроверзниот бизнисмен и поранешен акционер во Стопанска банка АД Битола, Орце Камчев.

Во Надзорниот одбор се Стевчо Јолакоски, баџанак на Панче Тошковски, актуелен министер во владата на Мицкоски како и Антони Пешев кој е извршен директор на Стопанската комора на Македонија и поранешен министер во владата на Бранко Црвеновски.

Претседател на Надзорниот одбор е Гордана Гацева која од октомври 2004 до денес работи како адвокат партнер во Адвокатското друштво Трпески и Гацева во Скопје. Гордана Гацева ја извршува функцијата независен член на Надзорниот одбор од октомври 2022 година.

Покрај нив, членови на НО се Игор Камбовски, член на Бордот на директори на Бимилк од Битола, како и Борислав Атанасовски кој е дипломиран економист и овластен ревизор и поседува богато професионално искуство во оваа областа. Тој е косопственик на Друштвото за ревизија Расел Бедфорд Атанасовски ДОО Скопје кое во своето портофолио има и извршена независна ревизија на компанијата на Орце Камчев, „Орка Холдинг“.

Управниот одбор на Алта Банка Битола го сочинуваат тројца членови, од кои еден е претседател.

Александра Радевска останува претседател на Управниот одбор на Стопанска банка Битола. Одлуката на Надзорниот одбор за нејзинот реизбор доби и потврда со согласноста дадена од Народната банка.

Радевска, во Управниот одбор членува веќе две години – од јуни 2023, а на претседателската позиција првпат беше именувана во ноeмври истата година. Со Стопанска банка Битола професионално е поврзана 12 години, од кои една деценија била дел од Надзорниот одбор, а од 2019 е и во Одборот за ревизија.

По завршувањето на формалниот дел од образованието, во периодот од март 2003 до јуни 2003 година работи на позицијата асистент за ревизија во Друштвото за ревизија „Б и Љ Ревизија“ ДОО Скопје, компанија во која косопственик бил Борислав Атанасовски кој сега е член на Надзорниот одбор на Алта банка Битола.

Во биографијата на Радевска пишува дека во периодот од март 2012 година до март 2019 година работи на позиција раководител на Сектор за ревизија во „Орка холдинг“ АД Скопје. Од март 2019 година ја извршува функцијата директор на Сектор за финансии и сметководствени работи во „Орка холдинг“ АД Скопје.

Втор член на УО е м-р Даниела Ѓоршевска која поднесе писмена оставка од својата функција на ден 5 ноември 2025 година. Во истото соопштение се наведува дека Надзорниот одбор на банката, на својата 25. седница одржана на 10 ноември 2025 година, донел одлука м-р Маја Кадиевска Војновиќ да биде именувана за нов член на Управниот одбор, а до тогаш, м-р Даниела Ѓоршевска ќе продолжи да ја извршува својата функција како член на Управниот одбор на банката, стои во известувањето објавено на Македонската берза.

Но, согласно најновите информации, кои компанијата ги сподели на Македонска берза, одлуката за влез на Кадиевска Војновиќ во УО на банката е стопирана, а функцијата до комплетирање на управниот одбор ќе ја врши Даниела Ѓоршевска.

Кадиевска Војновиќ е позната во македонската јавност како некогашна вицегувернерка и професорка на Американ колеџ, таа беше и дел од Извршниот одбор на ВМРО-ДПМНЕ, а сега е член на Надзорниот одбор на операторот на платниот систем КИБС (Клириншки интербанкарски системи АД Скопје).

Инаку, од АЛТА банка АД Битола реагираа на обвинувањата на опозицијата дека наводите се невистинити и манипулативни, побараа јавно извинување и најавија правни чекори. Во реакциите се потенцира дека преземањето е реализирано со регулаторни согласности и дека ваквите обвинувања нанесуваат штета врз угледот на институцијата и довербата во финансискиот систем.

Орце Костов

Слични вести