Муцунски: Сè уште нема позитивен одговор од Бугарија за средба меѓу Сиљановска-Давкова и Радев на самитот на НАТО во Хаг

by Fokus

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски вели дека досега нема позитивен одговор од бугарските власти за одржување средба меѓу претседателите на двете држави, Гордана Сиљановска-Давкова и Румен Радев, на Самитот на НАТО што ќе се одржи на 24 и 25 јуни во холандскиот град Хаг.

Според Муцунски, ноторен факт е дека со своето дејствување во надворешната политика, Бугарија влијае на влошување на билатералните односи помеѓу двете држави, но исто така и на создавање на една тензија помеѓу народите за која Муцунски вели дека е неприродна и не треба да биде таква каква што е.

„Бугарија треба да биде свесна прво за својата одговорност како земја членка на ЕУ, но исто така да има развиено и свест дека двете држави се партнери во НАТО алијансата и дека ваквото дејствување какво што го има во моментот, негативно влијание врз нашиот евроинтеграциски процес, не ги подобрува билатералните односи, но исто така има и лошо влијание врз геополитичката стабилност во нашиот регион и на европскиот континент“, вели Муцунски во интервју за Канал 5 телевизија за време на неговата посета на Париз.

Тој додава дека секогаш повикува на рационалност и свесност во Софија, но и кај другите земји членки на ЕУ, за потребата од забрзување на нашиот пат кон полноправно членство.

Муцунски вели дека редовно комуницира со претседателката Гордана Сиљановска-Давкова и оти се координираат со неа и со премиерот Мицкоски по овие прашања.

Министерот додава дека од македонска страна таа иницијатива за средба е прифатена и оти се надева на одговор од бугарската страна бидејќи, како што рече, смета дека треба да се седне и заедно да се дискутира како сите овие процеси влијаат врз нашата земја, врз Бугарија и врз целиот регион.

„За жал до овој момент немаме позитивен одговор. Но, тоа беше една тема која ја отворивме и со нашите пријатели во Париз денеска, за која разговараме и со сите наши сојузници, не само со раководството на ЕУ. Очекуваме позитивен одговор и да се организира таква средба во рамките на самитот во Хаг каде отворено ќе ги претставиме аргументите што и двете страни ги имаат“, додаде министерот.

додаде Муцунски.

Поврзани новости