Дијалогот што во моментов се води во врска со отворените прашања меѓу Скопје и Софија има поддршка од европските институции и земјите членки на Европската Унија, а македонските позиции се јасни и принципиелни, истакна денеска министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски.
Одговарајќи на новинарско прашање на заедничката прес-конференција со швајцарскиот министер за надворешни работи и претседавач со ОБСЕ, Игнацио Касис, во врска со изјавата на еврокомесарката за проширување Марта Кос дека се работи на дијалогот меѓу Македонија и Бугарија, Муцунски рече дека процесот се одвива и на европско ниво со поддршка и од земјите членки.
– Во однос на прашањето со Бугарија, мислам дека прилично јасно кажавме дека во моментов работиме на дијалог, за кој, како што слушнавте од претставниците на Европската Унија, имаме поддршка и од европските институции и од земји членки – изјави Муцунски.
Тој повтори дека позициите на македонската страна се јасни и принципиелни и дека сите разговори што се водат во моментов, како и оние во изминатите две години, се засноваат на ставови што јасно им биле претставени на европските партнери.
– Ќе повторам дека нашите позиции се јасни, принципиелни и сите разговори што ги водиме во моментов, како и оние што сме ги воделе во последните една до две години, се базирани на позиции што прилично јасно им ги претставивме на нашите европски партнери – рече Муцунски.
Еврокомесарката за проширување Марта Кос, на прес-конференцијата во Брисел на 4 ноември, по претставувањето на Пакетот за проширување, на новинарско прашање за ангажманот на Европската комисија во надминувањето на отворените прашања меѓу Скопје и Софија, одговори дека ЕК прави многу за односите меѓу двете земји, но дека не кажува сè.
– Ние правиме доста многу за односите меѓу Северна Македонија и Бугарија, но не кажуваме сè – изјави тогаш Кос.
На прашањето зошто нејзиниот ангажман не е повидлив во помагањето на Македонија и Бугарија да ги надминат отворените прашања, Кос посочи дека постојат активности што Европската комисија ги презема, но не ги објавува во јавноста.