Муцунски: Историската комисија нема да има резултати ако се бара да се каже дека Делчев и Сандански се Бугари

by irena 17:13
17:13

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, изјави дека заедничката историска комисија меѓу Македонија и Бугарија нема да може да постигне резултати доколку од македонска страна се бара да прифати дека историски личности како Гоце Делчев и Јане Сандански биле Бугари.

Одговарајќи на новинарско прашање, Муцунски оцени дека таквите барања претставуваат „небулози“ и бегање од историската реалност.

„Ако се бара да се каже дека Гоце Делчев е Бугарин, нема да постигне резултати историската комисија. Ако се бара да се каже дека Јане Сандански не бил Македонец туку Бугарин и дека не се борел за македонска автономија, тоа се небулози. Ако се бега од реалноста за она што се случувало на територијата на оваа држава, веројатно нема да постигне резултат историската комисија“, рече Муцунски.

Тој додаде дека Македонија и Бугарија можат да се согласат дека имаат заедничка историја, но не и идентична историска меморија, посочувајќи дека и многу европски држави споделуваат заедничко историско минато, а сепак имаат различни толкувања на одредени настани.

Во однос на евроинтеграциите, Муцунски порача дека државата нема луксуз да биде песимист и дека останува посветена на европскиот пат, но на достоинствен начин. Тој нагласи и дека во последниот период е интензивиран дијалогот со Бугарија, оценувајќи дека разговорите меѓу двете земји се неопходни за надминување на разликите и за продолжување на европската агенда.

Слични вести