Муртезани: Ќе има нов министер за животна средина, но нема потреба за предвремени парламентарни избори

by irena 10:01
10:01

Министерот за европски прашања и потпретседател на Алтернатива, Орхан Муртезани, во интервју за емисијата „360 степени“ на МРТ 1 изјави дека предвремени парламентарни избори следната година нема да има, бидејќи, како што рече, „нема никаква потреба за тоа“. Според него, владата предводена од коалицијата ВМРО-ДПМНЕ, ЗНАМ, ВЛЕН има стабилно мнозинство од 76 пратеници и функционира без проблеми.

„Ова намерно се лансира од страна на ДУИ, но тие сценарија повеќепати пропаднаа. Велеа дека нема да направиме влада, направивме. Велеа дека нема да траеме сто дена, ги поминавме. Велеа дека после Нова година ќе паднеме, еве сме уште тука“, изјави Муртезани.

Муртезани нагласи дека евентуални избори би значеле застој во имплементацијата на владините проекти.

Во однос на најавената реконструкција на Владата, Муртезани потврди дека промени ќе има, но тие ќе зависат од исходот на локалните избори. Некои министри кои се кандидати за градоначалници, доколку бидат избрани, ќе треба да бидат заменети.

„Ќе има нов министер за животна средина и нов министер за демографија, труд и млади. Функциите што ги извршуваше Изет Меџити ќе бидат разделени, а прв вицепремиер ќе биде пратеникот Беким Сали“, појасни Муртезани.

Осврнувајќи се на кампањата кај албанските партии, Муртезани рече дека ВРЕДИ се фокусира на конкретни проекти и буџетска транспарентност, додека, според него, ДУИ се обидува да ги подгрева етничките тензии за да ја прикрие својата неспособност и корупција.

„ДУИ, по 22 години власт, не успеа да изгради ни канализација во селото на Али Ахмети. Сега, кога ќе се соочат со тоа прашање, преминуваат во националистичка кампања и навреди“, изјави тој.

Слични вести