Му го зеде пиштолот на полицаецот, па пукаше во него – потоа побегна со полициско возило

by irena 15:21
15:21

Во Словенија возач кој, според полицијата, претходно предизвикал сообраќајна несреќа на обиколницата кај Љубљана – пукал за време на полициска интервенција при што ранил полицаец и му го одзел оружјето.

Осомничениот е фатен во местото Радовљица, јавува РТВ Словенија.

Од Полициската управа во Љубљана појаснија дека нешто пред 9 часот наутро, службеници од Полициската станица за сообраќај во Љубљана интервенирале на автопатот Горењска, кај излезот Шмартно, кон возач кој, според досегашните информации, претходно предизвикал сообраќајна несреќа на обиколницата во Љубљана и се движел во правец кон Крањ.

За време на постапката, возачот му го одзел службениот пиштол на полицаецот и пукал во него.

Полицаецот бил ранет и по укажаната прва помош бил пренесен во здравствена установа. Тој не е во животна опасност.

Според досегашните податоци, нема други повредени лица.

Како што објаснуваат полицајците, осомничениот потоа одзел службено полициско возило и се упатил кон регионот Горењска.

Полицајците го лоцирале во областа Лесце и го уапсиле во близина на Радовљица по потера. На 21-годишниот осомничен, кој е државјанин на Словенија, му е одреден притвор.

Според неофицијални информации од словенечкиот портал „Дневник“, во близина на училиштето во Радовљица имало неколку полициски возила и хеликоптер во воздух, додека полицијата ги пренасочувала минувачите кон околните улици.

Слични вести