За четири часа казнети 185 возачи на мопеди, велосипеди, мотоцикли и електрични возила

by irena 15:41
15:41

Вкупно 185 прекршоци кај возачи на лесни електрични возила, велосипеди, мопеди, мотоцикли, трицикли и четирицикли биле констатирани во засилените сообраќајни контроли што МВР ги спроведе вчера, на целата територија на државата.

Контролите, организирани од Секторот за сообраќајни работи, се одвивале од 17:00 до 21:00 часот, а најголем дел од прекршоците се однесувале на некористење заштитен шлем.

Кај возачите на велосипеди, велосипеди со помошен мотор, мопеди, мотоцикли, трицикли и четирицикли биле констатирани 152 прекршоци, од кои 120 за некористење заштитен шлем.

При контролата на лесните електрични возила биле констатирани 33 прекршоци, најголем дел поради некористење велосипедска патека, велосипедска лента или патека наменета за велосипедисти.

Најмногу прекршоци биле регистрирани на подрачјето на СВР Битола – 45, потоа СВР Тетово – 26, СВР Велес и СВР Струмица по 25, СВР Охрид – 20, СВР Штип – 13, СВР Скопје – 12 и СВР Куманово – 10. Девет прекршоци биле констатирани од Мобилната единица за безбедност во сообраќајот.

Во текот на контролата биле регистрирани и 443 прекршоци од друг вид, а биле поднесени и пет кривични пријави по член 297-а од Кривичниот законик.

За сите констатирани прекршоци биле преземени соодветни мерки и изречени санкции согласно законските прописи.

Слични вести