Министерството за надворешни работи и надворешна трговија попладнево информира дека во рамките на институцијата е формиран кризен штаб кој, како што се наведува, континуирано ја следи состојбата со случувањата на Блискиот Исток по нападите што САД и Израел ги извршија врз Иран, а Техеран возврати со одмазнички удари кон американски цели во земји од регионот.
Кризниот штаб, велат од Министерството, е достапен 24 часа дневно за сите потреби поврзани со помош, поддршка и асистенција на македонските државјани.
Оттаму го повторуваат апелот до сите македонски државјани кои се наоѓаатр во погодените подрачја внимателно да ги следат официјалните известувања на надлежните институции и строго да постапуваат согласно безбедносните протоколи.
„Воедно, се препорачува одложување на сите патувања кои не се неопходни кон земјите од овој регион, сè до подобрување на безбедносната состојба“, велат од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.
Оттаму додаваат дека Министерството, со сите свои капацитети и преку дипломатско-конзуларните претставништва, останува целосно на располагање на македонските државјани и ќе предолжи навремено да ја информира јавноста за сите релеватни информации и понатамошни насоки.
„Ги потсетуваме нашите државјани дека во случај на потреба од помош или дополнителни информации можат да се обратат на следните контакти: Министерство за надворешни работи и надворешна трговија, Тел: +389 75 273 732 / +389 75 268 736 и Е-пошта: [email protected]“, се наведува во соопштението.
Претходно, од ресорното Министерството соопштија дека до дипломатско-конзуларното преставништво во Тел Авив, единаесет македонски државјани официјално побарале евакуација од Израел.
Покрај преку амбасадата во Тел Авив, Министерството е во континуирана комуникација и е целосно на располагање на македонските државјани за потребна помош и координација и преку дипломатско-конзуларните преставништва во Доха (Катар) и Абу Даби (Обединетите Арапски Емирати).