Премиерот Христијан Мицкоски попладнево на собраниската седница посветена на пратенички прашања предложи идната година да се спроведе вонреден електронски попис на населението, но го услови тоа со прифаќање на една изборна единица „веднаш“.
Мицкоски, ова го кажа во одговор на пратеничкото прашање на пратеникот Халил Снопче од редовите на Алијансата на Албанците, кој праша дали Владата има намера да ја промени одлуката за бројот на советници во општините по вчерашната одлука на Уставниот суд за спроведување на пописот во 2021 година.
– Уставниот суд на вчерашната седница укина некои одредби од методологијата за спроведување на Пописот на населението во 2021 година. Уставниот суд оцени дека директорот на Државниот завод за статистика ги пречекорил своите надлежности и со подзаконски акт извршил категоризација на резидентно и нерезидентно население за што немал законско овластување, рече Снопче.
Според него, следствено на ова, одлуката на Владата за намалување на бројот на советниците во општините е невалидна.
– Дали на следната седница на Владата ќе ја поништите претходната одлука и да се врати претходната одлука за бројот на советници. Логички, не може да се отстранат нерезидентите бидејќи нивната одлука има директно влијание во изборот и бројот на советниците, праша Снопче. Тој, исто така, посочи дека претходно пред пет месеци има поднесено барање за автентично толкување за оваа владина одлука, но досега немал добиено никаков одговор.
Во одговор на прашањето, премиерот Мицкоски нагласи дека кај нерезидентното население во последниот попис немало адреса, туку било класифицирано како нерезидентно население. Тој посочи и дека разликите во бројот на население кај општините меѓу двата пописа, последниот и претходниот, биле големи, при што го наведе примерот на Општина Гостивар, од каде што е пратеникот Снопче, каде што од 85 илјади бројот на жители бил намален на 59 илјади население кое што е резидентно. Во тие 59 илјади имало и неколку илјади кои што не се изјасниле што се, односно одбиле да се попишат.
– Често зборувам дека дијаспората е нераскинлив дел од унитарниот карактер на Македонија како држава и затоа ве молам како политичка партија да поддржите една изборна единица во која што ќе овозможите дијаспората да гласа, рече Мицкоски.