Без гаранции не ми паѓа на памет да размислувам за уставни измени. Нашата позиција е јасна, ние не ги игнорираме обврските што претходната влада на СДСМ ги прифатила, за жал, но исто така не гледаме дека нашиот источен сосед прави нешто во насока на испорака на своите обврски. Очекуваме поробусна акција од ЕУ и кај нашиот источен сосед, односно кај нивниот партнер во рамки на европското семејство зашто сме виделе во минатото многу пати – кога се сакало се се можело, порача денеска премиерот Христијан Мицкоски.
„Вчера дадов еден краток коментар, денес бидејќи ме прашувате ќе дадам одговор на вашето прашање и ќе го поделам одговорот во два дела,“ изјави Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање во врска со неговиот став во однос на Резолуцијата и на решението да се донесат уставни измени до февруари поднесена од страна на претседателот на опозициската СДСМ Венко Филипче.
„Првиот дел е дека, за жал и ова раководство на СДСМ ја продолжува практиката на претходните раководства на СДСМ да ги руши позициите на македонската Влада и на државата, да ги распродава идентитетските и националните приоритети, од, за мене, неразбирливи причини. Ако на времето тоа го правеа за да се одржат на власт, за да можат да ги злоупотребуваат институциите и ресурсите на државата, не го оправдував се разбира за тоа има одговорност, но и некако ги разбирав. Сега не ги разбирам од опозиција зошто мора да ги подриваат позициите на Владата којашто грчевито се бори, тоа што тие го распродадоа, изминатите 7 години кога беа во влада, да го поправи. И на меѓународен и на домашен план,“ истакна Мицкоски.