Сотир Лукроски е вистинскиот избор за Карпош. И него го знам колку што се знам себе си. И најдобро знам за каков човек се работи. Сотир има програма што не е само хартија со ветувања. Тоа е мапа за вистински промени – чисти улици, зелени маала, модерни училишта, нови простори за спорт и култура, изјави вечерва лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер Христијан Мицкоски на промоцијата на Сотир Лукроски за кандидат за градоначалник на општина Карпош.
-Денес гледам најголема критика за нашиот кандидат е дека ми бил другар. Замислете, мислеле таму што да нападнат затоа што не можат да кажат ништо друго, се работи за квалитетен човек и успешен човек надвор од политиката, нешто за кое еден од неговите против кандидати кој бара сламки за спас, не може да се пофали затоа што тој човек сè што има е благодарение на политиката, интригите, недоличното однесување полно со гнев, фрустрација, со кавгаџиството, и никако не можел да смисли нешто што е критика за Сотир освен дека ми е другар.
Јас со гордост можам да кажам дека ми е другар. Од детство. И токму затоа можам и да тврдам дека го познавам добро и дека знам дека никогаш нема да ги изневери карпошани. Тој е професионален, одличен менаџер со успешна кариера во приватниот сектор и има капацитет и што е најважно визија што сака да направи, програма и план како да работи и што да работи. Знае од кај да почне, знае што недостасува и што сака да направи да биде подобро за сите граѓани. И да, тој ми е другар, како што ми се другари и Орце за Скопје, Аце, Боби, Даре, и многу во партијата кои освен соработници ми се и другари, тим со кој работам и ќе работам посветено и заеднички на развој на државата и општините – рече Мицкоски.
Според него, не може паниката да се сокрие преку „кавгаџиски и невоспитани навреди и видеа“.
-Без разлика дали нападите доаѓаат од СДС или Стефче кој е сличен со нив по убедување и нарав и на кого местото му е таму, сепак јасно е дека зад тие напади се крие страв, страв од политички неуспех и крај на лични кариери и можност да се видат јасно сите нивни скандали, криминали и махинации со општината но и со централната власт до пред една година. Затоа што време на отчетност доаѓа за сите, времето на правдата доаѓа. Нема да го спречи или сокрие тоа ни личен напад ниту измислување на теми како резолуцијата за Бугарија…
Карпош мора да оди напред со промени, со нова енергија, со нова посветеност и одговорност. Со модерен човек кој дише со Карпош и живее за Карпош. Затоа ве повикувам да се мобилизираме и да излеземе масовно на изборите да гласаме за вистинскиот избор кој нема да ве изневери, за Сотир Лукровски, човек во вистинска смисла на зборот, од твоето место и за твоето место, кој ќе работи за твојата иднина. Карпош не е само општина – Карпош е емоција – рече Мицкоски.