Европската перспектива на регионот, со фокус на спроведувањето на реформите, реализацијата на Планот за раст на ЕУ за Западен Балкан и унапредувањето на соработката со европските институции, се темите на кои разговараа премиерот Христијан Мицкоски и еврокомесарката за проширување и добрососедска политика Марта Кос денеска во Скопје.
„Ја истакнав цврстата определба на Владата за интеграција во ЕУ, достоинствено и преку спроведување на суштински реформи во областите на владеењето на правото, економскиот развој и дигиталната трансформација.
Еврокомесарката Кос ја поздрави реформската агенда на Владата и ја потврди поддршката на Европската комисија за напредокот на Регионот на европскиот пат.
Нагласив дека средбата претставува потврда за зголемената улога на државата во регионалните и европските процеси, како и признание за новата енергија со која Владата ги води реформите и создава предвидлива и стабилна иднина за сите граѓани“, напиша премиерот на неговиот профил на Фејсбук.
Еврокомесарката Кос е во дводневна посета на земјава по повод лидерскиот самит на Европската Унија и Западен Балкан. Таа утре, 1 јули, треба да се сретне со лидерите од регионот во Скопје.