Мицкоски го отвори реконструираниот пат Охрид – Св. Наум вреден 11,7 милиони евра

by Fokus

Премиерот Христијан Мицкоски денеска го пушти во употреба реконструираниот регионален пат од Охрид до Св. Наум.

Со инвестиција од 11,7 милиони евра, беа реконструирани 24,3 километри од патот, вклучувајќи целосна санација на коловозот, нова сигнализација, безбедносни огради и проширување каде што теренот дозволуваше. Заедно со тоа, се реализираа заштитни интервенции на ризичните косини со цел да се обезбеди долготрајност и сигурност на сообраќајот.

„Овој пат не е само инфраструктурен проект, туку потврда за определбата на Владата да гради со план и визија, без многу галама, но со реални резултати“, истакна премиерот Мицкоски.

Во моментов се реализираат и други клучни инфраструктурни проекти во регионот, меѓу кои автопатот Кичево – Охрид, како и делниците Тетово – Гостивар, Гостивар – Букојчани, и подготовките за Букојчани – Кичево, што значително ќе го подобрат транспортниот прстен во Западна Македонија.

Новопуштениот пат ќе ги поврзе туристичките капацитети и плажите на јужниот дел од Охридското крајбрежје со манастирскиот комплекс Св. Наум, еден од најзначајните духовни и културни центри на Балканот, и ќе ја олесни поврзаноста и со соседна Албанија.

Поврзани новости