„ВМРО-ДПМНЕ ниту преговара за македонскиот јазик, идентитет и култура, ниту тоа ќе го направи во било кои преговори, додека за СДС црвените линии се внесување на Бугари во Устав“ рече Марија Митева, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ во гостување на тв 24.
„Не видовме ништо ново. Кога зборуваме на национални интереси прво правило е да имаме сериозност и континуитет, особено во ставовите, јас такво нешто од СДС не видов, не станува збор за некоја нова резолуција. Жалам што имаме една ситуација каде што помпезно најавуваната резолуција од еден месец денеска заврши со една кратка објава и образложение дека истата ќе биде доставена до политичките партии, но барање исто така истата да не биде тема на разговор во овој период туку по изборите. Не ја гледам тука суштината и го сметам како незрел политички потег“ – вели Митева.
Таа праша која е позадината на објавување на документот и барање истиот да не се дебатира во рамките на периодот којшто е објавен.
„Ако велите дека на ВМРО-ДПМНЕ му е интерес сопствениот рејтинг, тогаш што е рејтингот на СДС? Затоа што кога велите вие три дена пред почеток на официјалната кампања да излезете со документ којшто доцни повеќе од месец дена, а е помпезно најавуван тогаш се прашувам кој е вашиот интерес и која е позадината на објавувањето и барањето истиот да не се дебатира во рамките на периодот којшто е објавен?“ прашува Митева.
Митева објасни дека ВМРО-ДПМНЕ од самиот почеток предупредува дека суштината не е само вметнувањето на Бугарите во Уставот, но СДС немало слух ниту за граѓаните ниту за националните интереси.
„Кои се црвените линии во резолуцијата? Јас истите не можев да ги најдам. И додека ние велевме од позиција на опозиција дека не е суштината само Бугарите во Устав туку е многу поголема, вие велевте дека ние шириме паника, дека ние сакаме да наштетиме на државата, дека ние немаме цел да ја внесеме Македонија во ЕУ, за многу малку време подоцна, а тоа е само 15 месеци да излезете со резолуција во којашто велите дека црвени линии се токму македонскиот јазик, идентитет и култура и да нема преговарање за истото. Како по однос на вакво национално прашање и јас којашто директно се занимавам со политики, но граѓаните коишто најмногу ги интересира оваа тема, да веруваат во веродостојноста на вашиот континуитет и на ставови политички коишто од позиција на опозиција се едни а од позиција на власт се други“ рече Митева.