Мексиканската фудбалска репрезентација се пласираше во осминафиналето на Светското првенство откако го победи Еквадор со 2:0 пред домашните навивачи во Мексико Сити.
Со овој триумф, Мексиканците завршија долга серија неуспеси во нокаут фазата на светските првенства. Последен пат победија во првиот елиминациски натпревар во 1986 година, кога стигнаа до четвртфиналето. После тоа, седум последователни настапи завршија со пораз на првата пречка, додека на претходното Светско првенство во Катар, не успеаја ниту да ја поминат групната фаза.
На овогодинешното првенство, Мексико игра во одлична форма. Групната фаза ја заврши со максимален учинок по победите против Јужна Африка (2:0), Јужна Кореја (1:0) и Чешка (3:0), додека Еквадор стигна до нокаут фазата како третопласирана екипа во својата група со четири освоени бода.
Почетокот на натпреварот беше одложен за еден час поради силна бура проследена со грмотевици што го погоди Мексико Сити. Откако беа исполнети условите за игра, домашната екипа ја презеде контролата врз играта од првиот свиреж.
Мексико поведе во 22-та минута преку Хулијан Кињонес. По одлично додавање од Роберто Алварадо, напаѓачот на Ал-Кадсија избега од одбраната на Еквадор, влезе во шеснаесетникот и со прецизен удар ја погоди мрежата за 1:0.
Само девет минути подоцна, домашната екипа го дуплираше водството. Мексиканците ја искористија грешката во одбраната на Еквадор, а по убава тимска акција, Раул Хименез го погоди горниот десен агол од голот со силен удар од работ на шеснаесетникот за конечни 2:0.
Во второто полувреме, Мексико продолжи да ја контролира играта и беше поблиску до трет гол отколку што Еквадор беше до намалување на резултатот.
Еквадорците имаа дополнителни проблеми на крајот од натпреварот, кога Педро Хинкапие доби директен црвен картон во 90-та минута. По прегледувањето на ВАР видеото, словенечкиот судија Славко Винчиќ го исклучи одбранбениот играч поради несоодветно однесување кон противничкиот играч.
Натпреварот го одбележа и младиот Гилберто Мора, кој со 17 години и 259 дена стана вториот најмлад фудбалер во историјата на Светските првенства што го започнал натпреварот од нокаут фазата во почетниот состав. Пред него остана само легендарниот Бразилец Пеле, кој го постигна овој подвиг на Светското првенство во 1958 година на возраст од 17 години и 239 дена.
Мексико ќе игра во осминафиналето против победникот од натпреварот помеѓу Англија и Демократска Република Конго.