Додека трае кампањата за локалните избори, главниот град се соочува со еден од најголемите проблеми последниве години, ѓубре насекаде и зголемен број на стаорци. Скопјани велат дека градот никогаш не бил во полоша состојба, а контрастот меѓу предизборните ветувања и реалноста на теренот станува сè поочигледен.
Контејнерите се преполни, отпадот често се фрла покрај нив, а лошиот мирис и глувците стануваат секојдневна слика за главниот град. Откако метрополата се претвори во голема дива депонија не престануваат апелите до Владата итно да прогласи вонредна состојба.
Професорот Никола Пановски предупредува дека ситуацијата е крајно сериозна и дека стаорците се размножуваат со огромна брзина:
„Внимание, стаорците нема да чекаат втор круг на избори! Вториот круг, заедно со рокот на жалби, предавањето на функцијата, нема да заврши пред 9 ноември. За 18 дена стаорците, па и глувците може енормно да се размножат. Скопје веќе 20 дена е елдорадо за глодарите. Имаат достапна храна во изобилство. Излегуваат од подрумите, канализацијата и се хранат, се оплодуваат и за едем месец од секое животно ќе се создадат во просек по 10 младенчиња. Значи и по евентуално чистење на градот за 72 часа по 20 дена, ќе имаме илјадници гравидни глодарки кои на свет ќе донесат десетици илјади младенчиња. Можеби ќе имаме исчистен град, но глодарите ќе бидат многубројни и барајќи храна, ќе бидат крајно агресивни. Храната ќе ја бараат во нашите подруми и гаражи, а ако не ја најдат ќе ни влезат дома“, напиша Пановски.
И додека на билбордите низ градот се појавуваат пораки за „почисто утре“ и „ново лице на Скопје“, улиците зборуваат поинаку. Контејнерите се преполни, сметот стои со денови, а цел град мириса на отпад.
Епидемиологот Драган Даниловски остро предупредува дека натрупаното ѓубре во Скопје создало идеални услови за експлозивно размножување на глувци и стаорци, познати преносители на сериозни заразни болести како лептоспироза, хантавирус и дури бубонска чума.
„Тие болести се пренесуваат преку урината, изметот, плунката и болвите на глодарите. Познато е дека стаорците се размножуваат според експоненцијална прогресија: во период од само 18 месеци еден пар може да даде повеќе од еден милион потомци. Тоа е биолошки факт. Експоненцијалниот модел претпоставува неограничени ресурси како храна, вода и простор. Таа претпоставка во Скопје е исполнета!“ напиши Даниловски на својот профил на „Фејсбук“.
Скопје меѓу ѓубрето и изборните ветувања
Додека трае политичката трка и јавноста ја следи борбата за фотелји, Скопје се соочува со најосновниот тест на одговорност, здравјето и безбедноста на граѓаните. Ѓубрето не е само естетски проблем, туку сериозна закана што го загрозува јавноздравствениот систем и довербата во институциите.
Граѓаните бараат решенија, а не изговори. Додека едни најавуваат акции по изборите, други предупредуваат дека до тогаш може да биде предоцна.
Скопје, градот што со децении се рекламира како „модерен европски метрополис“, денес се соочува со најпримитивен предизвик – справување со сопствениот отпад. Иако епидемиолозите предупредуваат, а активистите алармираат, одлуките и акциите сè уште се бавни.
Во вакви услови, апелите за итна дезинфекција, дератизација и јасна институционална одговорност не се политичко прашање, туку прашање на здравје и достоинство. Зашто во град каде што ѓубрето расте побрзо од ветувањата – вистинската битка не е изборната, туку онаа за чист воздух, чисти улици и безбедно секојдневие.
С.Т