Меџити: Во тек е постапката за купување на 110 електрични автобуси

by irena 14:56
14:56

Лани почна имплементација на најголемиот инфраструктурен проект – подобрување и реновирање на системот за водоснабдување и канализација во 80 општини во земјата. Исто така, во Скопје се гради еден од најголемите и најважни проекти на деценијата во оваа област, тоа е станица за пречистување на отпадни води, во тек е процесот за усвојување на новиот Закон за воздух и обезбедени се шест еколошки автобуси, информира денеска на прес-конференција министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити, по повод одбележувањето на една година од формирањето на Владата.

Како што посочи, во овој период е развиен институционален пристап кон животната средина, односно таа не се гледа како секундарен сектор, туку како стратешко поле со директно влијание врз јавното здравје, економскиот развој и европската интеграција на земјата.

– Во текот на минатата година почна имплементација на најголемиот инфраструктурен проект во овој сектор – подобрување и реновирање на системот за водоснабдување и канализација во 80 општини во земјата, со финансиска поддршка од 50 милиони евра од Европската инвестициска банка. Овој проект претставува долгорочна структурна интервенција со директно влијание врз подобрување на квалитетот на животот и заштита на водните ресурси, рече Меџити.

Тој напомена дека во урбаната животна средина се преземени значајни чекори по онос на третманот на отпадни води.

– Во Скопје се гради еден од најголемите и најважните проекти на деценијата во оваа област, станица за пречистување на отпадни води. Во Битола почна изградба на нова станица, додека во Тетово, Штип, Велес, Виница и Кочани во тек се тендерските постапки за изградба или обнова на постојните системи. Паралелно, првпат беше усвоен Планот за чист воздух 2024-2030, документ кој утврдува јасни цели и конкретни мерки за подобрување на квалитетот на воздухот, со финансиска поддршка од 10 милиони евра од ЕУ, додаде министерот.

Како што најави, во тек е процесот за усвојување на новиот Закон за воздух, со цел целосно усогласување со европските директиви.

Меџити рече и дека како дел од истиот стратешки правец, обезбедени се шест еколошки автобуси и заменети се старите и неефикасни системи за греење во Скопје, Битола, Куманово и Тетово, што значително придонесува за намалување на емисиите на загадувачите.

Најави дека е во тек постапката за купување на 110 електрични автобуси кои што ќе бидат распоредени на различни урбани средини.

Слични вести