Едно дете почина во Италија, а уште четири деца од истата приватна градинка во Тропеа завршија во болница со слични симптоми.
Италијанските медиуми известуваат дека постои сомнеж за бактериска инфекција, но сè уште нема официјална потврда за причината за смртта.
Момчето од Ѕунгри, во Калабрија, првично било хоспитализирано на 17 јули во болницата „Џацолино“ во Вибо Валентија, а на 21 јули било префрлено во Катанцаро во многу тешка состојба, каде што починало во средата навечер.
Според италијанските медиуми, уште четири деца кои ја посетувале истата градинка во Тропеа биле хоспитализирани со слични симптоми. Тројца од нив во меѓувреме се пуштени од болница, додека едно дете сè уште е хоспитализирано во Катанцаро.
Според директорката, и други деца во градинката имале гастроинтестинални проблеми во изминатите неколку дена. Се спомнуваат десет до дванаесет деца со симптоми.
Обвинителството во Вибо Валентија отвори истрага откако родителите на починатото момче поднесоа пријава во полицијата. Медицинската документација на детето е одземена, а обвинителството нареди и одземање на телото.
Во наредните часови треба да се нареди обдукција, која би требало да помогне да се утврди точната причина за смртта.
Директорката на приватната градинка „Family Baby School“, Серена Мичели, изјави дека, според информациите со кои располагаат, можно е да станува збор за бактеријата *Clostridium difficile*. Таа нагласи дека засега станува збор за претпоставка.
„Според информациите со кои располагаме, во основата на сè може да биде бактеријата *Clostridium difficile*, со која веројатно се заразило едно дете при претходна посета на болница. По враќањето во градинката, можно е да биле контаминирани местата за менување пелени“, рече Мичели.