Одбојкарската репрезентација на Македонија го забележа вториот пораз на Европското првенство.
Во Б групата денеска Украина ја победи Македонија со 3:0 (25:22, 25:22, 25:10).
Македонските одбојкари успеаја да и парираат на Украина во првите два сета, по што целосно потклекнаа во третиот сет.
Во првиот сет избраниците на Јошко Миленковски успеа да се вратат во резултатот и стигнаа до 24-22, но токму тогаш се случи голем судиски превид.
Судиите не видоа двојна игра кај украински одбојкар, по што поенот му припадна на противникот, па Украина го освои сетот со 25-22.
И во вториот сет Украинците направија разлика, но Македонија се врати во игра и се закани, Недостасуваше последниот чекор. Украина повторно го освои сетот со 25-22.
Во третиот сет, играта се распадна – не функционираше ниту еден сегмент од играта, па Украина убедливо го освои овој дел од играта со 25-10 за конечни 3-0.
Македонските одбојкари засега се со два порази, без освоен сет, а третото коло го играат в недела од 18 часот, дуел со фаворитот Полска.