Јавното претпријатие за железничка инфраструктура „Железници на Република Северна Македонија – Скопје“ го избра изведувачот на градежните работи за санација на делниците по кои ќе се движи градскиот воз. На тендерската постапка учествуваа само две компании, од кои едната од Приштина, а другата од Македонија. Претходно, надзорот на изведбата го доби ИРД инженеринг од Италија, која врши надзор врз градбата на автопатиштата што ги гради „Бехтел и Енка“, за што сега владејачката ВМРО-ДПМНЕ имаше забелешки за наводен криминал.
Пишува: Орце КОСТОВ
Скопје ќе добие нов градоначалник на 2 ноември, кога граѓаните ќе имаат можност да избираат меѓу Орце Ѓорѓиевски од ВМРО-ДПМНЕ и Амар Мециновиќ од Левица. Еден од нив како прв човек на главниот град ќе ја има честа да го прогласи за отворен проектот Градски воз.
Интересно, потребата за Градски воз е заедничка врска меѓу двајцата кандидати затоа што и двајцата ја најавија во своите програми, со тоа што на кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ му беше полесно да ја пропагира бидејќи неговата партија ја најави уште во 2024 година по формирањето на владата.
До крајот на годинава или на почетокот на следната година, дел од граѓаните во Скопје и во околните населби би требало да ги почувствуваат првите придобивки од проектот Градски воз, кој го реализира Министерството за транспорт и врски.
Во најскоро време, изведувачот треба да ги почне работите за првата линија од овој проект. Првата линија ќе биде од Зелениково, преку Драчево, Аеродром и Кисела Вода, сè до Железничката станица – Скопје.
Реализацијата на проектот Градски воз ќе се одвива во три дела. Градежните работи на првиот дел од Зелениково до Скопје ќе опфатат изградба на нови стојалишта, сѐ со цел граѓаните да имаат подобар пристап до превозот со воз, кој ќе им го олесни движењето од нивното населено место до Скопје. Првата линија на градскиот воз ќе биде Зелениково – Скопје преку Драчево, Ново Лисиче, Кисела Вода, Аеродром и ќе завршува на новата железничка станица.
Директорот на Јавното претпријатие МЖ Инфраструктура, Синиша Ивановски очекува дека градскиот воз ќе биде исплатлив, како за двете претпријатија на железниците, така и за граѓаните што ќе го користат овој олеснителен превоз.
Официјалните податоци покажуваат дека во патничкиот сообраќај во државава, во првите три месеци се реализирани 191,68 илјади возни километри, за 65,5 проценти повеќе споредено со истиот период лани. Тоа, според Извештајот за работењето на МЖ Инфраструктура, за првиот квартал годинава, се должи на воведување во сообраќај на патнички возови на релацијата Скопје – Куманово – Скопје.
Патничкиот сообраќај, во првиот квартал се одвивал со 1.668 воза, што е за 65 проценти повеќе во однос на лани. Во однос на Планот за 2025 година, реализирани се 20,8 проценти возни километри.
ФИРМА МИЛЕНИК НА ОПШТИНИТЕ
За реализација на целиот железнички прстен со три полукругови се потребни околу 50 милиони евра, а дел од тие средства се обезбедени во буџетот за оваа година.
ЈП „Железници инфраструктура“ објави тендер за изградба и рехабилитација на најголемиот дел од инфраструктурата што ќе се користи. Тоа ќе биде линијата од Зелениково, преку населбата Драчево, границата е поставена кон населбите Аеродром и Кисела Вода и завршува на Новата железничка станица.
„Очекуваме до крајот на годинава да биде готова, имаме многу брза агенда и првата делница Зелениково – Драчево – Аеродром – Кисела Вода – Железничка Скопје да ја имаме пред Нова година. Паралелно, ќе ги работиме и другите два прстена“, истакна неодамна министерот за транспорт и врски, Александар Николоски.
Градежните работи што ќе се одвиваат оваа година се финансираат од буџетот на владата преку Министерството за транспорт. Врз основа на податоците дадени во физибилити студијата, МЖ инфраструктура изготви тендерска документација и во месец август објави тендер за реконструкција на првиот дел од проектот Градски воз.
На тендерот се јавиле две компании, Друштво за градежништво, производство, трговија и услуги увоз-извоз БИТЕМ ДООЕЛ Скопје и косовската градежна компанија од Приштина „VIA EGNATIA SH .P.K“.
Највисока добиена понуда била 399.338.829, додека најниска добиена понуда била 359.957.811 денари, односно онаа на БИТЕМ ДООЕЛ со која е склучен договорот за изведувач.
Вредноста на склучениот договор без вклучен ДДВ е 359.957.811 денари или 5,86 милиони евра, а со ДДВ е нешто над 6,9 милиони евра.
Според податоците од Централен регистар и „Company Wall“, компанијата БИТЕМ ДООЕЛ Скопје е во сопственост на Кирил Лазаров, магистер по градежништво од областа на геотехниката.
Компанијата е класифицирана како среден бизнис според критериумите дефинирани со Законот за сметководство на Република С. Македонија. Бонитетната оценка на компанијата за 2025 година е A+. Благодарение на овие показатели, БИТЕМ ДООЕЛ Скопје се позиционира како доверлив партнер во својата индустрија.
Во 2024 година, компанијата остварила вкупни приход од 477.214.994 денари, во 2023 година 474.244.000 денари, а во 2022 година 272.157.000 денари, велат податоците од „Company Wall“.
Според тендерската документација и договорот објавен на Бирото за јавни набавки, економскиот оператор треба да има доказ дека има потребна економска и финансиска способност за извршување на договорот, односно да има минимален годишен приход од 450 милиони денари во последните три години.
БИТЕМ ДООЕЛ е меѓу најангажираните градежни компании во последните неколку години од општините и од државните институции. Најмногу тендери ѝ доделила Општина Карпош, потоа следуваат Општина Кисела Вода, Бутел и Илинден, а од државните институции, најмногу тендери ѝ доделило Министерството за спорт, односно Агенција за млади и спорт (пред да се трансформира).
Инаку ,компанијата, која вкупно брои 83 работници, додека просечната бруто-плата по вработен е 42.256, има и подизведувач на проектот за реновирање на делницата за Градски воз, а се работи за компанијата „ЗГОП ДОО“ од Нови Сад, која е специјализирана за градење и ремонт на пруги.
СОМНИТЕЛЕН ИЗБОР НА НАДЗОР
Претходно, Јавното претпријатие за железничка инфраструктура Железници на Република Северна Македонија – Скопје го избра надзорот на изведбата на градежните работи за санација на делниците по кои ќе се движи Градскиот воз.
На тендерската постапка за „Надзор на изведба на градежни работи за санација на делници“, на кој како критериум за доделување договор беше најдобриот однос меѓу цената и квалитетот, учествуваше само една компанија, која понуди единствена цена од 2,9 милиони денари без ДДВ.
Се работи за компанијата ИРД инженеринг од Италија, која врши надзор врз градбата на автопатиштата што ги гради „Бехтел и Енка“.
Договорот помеѓу ЈПЖИ Железници на РСМ и ИРД Енгинееринг С.р.л Рим Италија ИРД Енгинееринг Подружница во Скопје е склучен на 19 септември 2025 година.
Проценетата вредност на набавката со ДДВ изнесува 3.540.000 денари, а вредност на склучениот договор со вклучен ДДВ изнесува 3.422.000 денари.
Надзорот опфаќа надгледување на изведбата на „уредување на осовина и нивелета на пругата ТЦ Скопје – Зелениково“ и „уредување на осовина и нивелета на пругата станица Илинден – станица Драчево“.
Ова е истата компанија за вршење надзор на изградбата на автопатиштата на Коридор 8 и Коридор 10, а против која владата на ВМРО-ДПМНЕ отвори фронт уште додека сегашните министри беа во опозиција.
Вицепремиерот и министер за транспорт, Николоски, точно пред една година, директно ја обвини компанијата ИРД инженеринг дека била „лош надзор“ над изградбата на автопатиштата од коридорите 8 и 10-д од страна на „Бехтел и Енка“, проект, кој ќе чини најмалку 1,3 милијарди евра.
Го потсети и обвинителството дека имаат отворено предмет за начинот на изборот на фирмата за консултант и надзор над „Бехтел и Енка“.
Фирмата „ИРД инженеринг“, која минатата влада ја претстави како италијанска фирма со огромно искуство во надзорот на големи проекти, не беше избрана во договор во четири очи, туку на јавен повик за избор на надзор. Успеаја да победат во конзорциум со неколку домашни фирми против светски реномирани фирми, но само откако првиот тендер за истата работа пропадна бидејќи се покажа дека првично избраната фирма има сомнителни капитални врски со Русија.
Во интервјуто за „Фокус“ од август 2024 година, вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, потсети дека мора да се истражи како конзорциумот на „ИРД инженеринг“, во кој е и „Електра солушнс“, го доби тендерот за надзор во конкуренција на фирми за надзор од САД и од Франција.
– Сѐ уште стојам зад тоа што го зборував во опозиција дека има многу лош надзор. Надзорот треба да биде заштита на државата, но не е никаква заштита. Носител на надзорот е компанијата ИРД. Се работи за компанија, која номинално е од Италија, но во Италија има нула евра обрт, односно не работи ништо во Италија. Најголем дел од обртот ѝ е во Македонија и во Молдавија.
И, случајно, директор во Македонија на таа компанија е поранешен вработен во моето Министерство, што ќе се согласите дека во најмала рака е судир на интереси.
И, исто така, интересно е, овој предмет е во Обвинителството и се истражува, како тоа победи компанија од Италија, која во Италија не работи ништо, а не победи американската компанија „Хил“, која е број 1 за надзор во САД, или француската компанија „Ежис“, која, пак, е број 1 за надзор во Франција? Тие 3 понуди беа вкупно и внимавајте – француската компанија имала за 6 милиони евра поевтина понуда, вели Николоски за „Фокус“.
„Фокус“, пред неколку дена го праша министерот Николоски како тогаш очекува да се однесува ИРД инженеринг во однос на договорот за надзор врз изведбата и санацијата на делницата за Градски воз, со оглед на претходните критики за сомнителниот избор на компанијата и нејзината работа?
– Ве информираме дека јавната постапка ја водеше МЖ Инфраструктура и изборот на компанијата е направен од страна на МЖ инфраструктура, а не е од Министерството за транспорт.
Во однос на ИРД и надзорот за автопатиштата и како беа избрани моите ставови за компаниите поврзани со Сотир Ампов и неговото семејство, пред сѐ, „Институт за патишта“ и „Електра солушн“ останувам на моите ставови и очекувам Обвинителството конечно да ја заврши истрагата. Овие две компании се во конзорциум со ИРД. Очекувам да постапи Обвинителството, истакна министерот Николоски за „Фокус“.
СТАНИЦА СКОПЈЕ
За проектот Градски воз, кој за почеток ќе го користат граѓаните од помалку урбаните средини, ќе мора да се реновирана запуштената меѓународна железничка станица во Скопје.
Железничката станица во Скопје за пет до шест години нема да биде место на кое луѓето се плашат да поминат, ако се оди според планот што го претстави директорот на МЖ Инфраструктура, Синиша Ивановски. Тој откри дека е потпишан договор со единствениот понудувач – Градежниот факултет, вреден над 455 илјади евра.
Факултетот се обврзува дека за 12 месеци ќе треба да се изработат четири проектни документации. Секоја од нив чини по речиси 114 илјади евра, или по над 7 милиони денари.
Првиот проект е за ремонт на дел од коридор 10, на делница Скопје -Велес помеѓу станиците во Зелениково и Велес, односно за санација на свлечиште. Вториот проект е за санација на свлечиште на делницата Велес – Гостиражни. Третиот, пак, е за реконструкција и адаптација на железничката станица во Скопје, а последниот проект се однесува на мостот на Црна Река, каде што поминува пругата.
Од овие проекти ќе зависи и колкава ќе биде сумата за реконструкција на железничката станица во Скопје, но и останатите делови што се предмет на овој тендер. Тие ќе бидат утврдени дури откако Градежен ќе си ја заврши првичната работа – проектирањето. Тогаш, ќе се бара и изведувач на овие крупни градежни работи.
Она што беше ветено е дека работата треба да заврши во исто време со пуштањето на брзата пруга на Коридорот 10 и железничкиот крак до Меѓународниот аеродром Скопје.
– Финансирањето ќе биде или со државниот Буџет, или со заем од класичните заемодаватели, како ЕБРД, ЕИБ, комерцијалните банки, но не е исклучена можноста да влезе во стратешко партнерство со Велика Британија со кои ќе правиме многу капитални инфраструктурни проекти. За пет до шест години од денеска, во исто време треба да бидат готови и брзата пруга и кракот до скопскиот аеродром, Можеби изгледа апстрактно, но верувајте со сите сили работиме паралелно на сите проекти“, рече директорот на МЖ Инфраструктура, Синиша Ивановски при најавувањето на проектот.
Ивановски најави дека ќе се направи целосна реконструкција со зачувување на основниот изглед, како што е направено во 1981 година, според проектот на Кензо Танге, но со нови современи и модерни елементи.
– Ќе се менуваат инсталациите, греењето, ладењето. Станицата сега изгледа како питстоп на Формула и веќе нема да биде така, ќе има забрана за рекламирање. Ќе има промена на содржини, ќе има аптеки и други комерцијални содржини, но доградби како ќебапчилница и други работи нема да бидат дозволени. Столбовите на градбата сега се рекламно пано за концерти и тоа нема да биде дозволено, рече Ивановски, истакнувајќи дека се што е доградено надвор од првичниот проект ќе биде отстрането.
Деканот на Градежниот факултет, Јосиф Јосифовски посочи дека овој долго задоцнет проект ќе има почеток и оти нивна задача ќе биде на железничкиот Коридор 10 да направат целосна реконструкција и рехабилитација на елементите на пругата, како санирање и јакнење на мостовски конструкции, на свлечишта, потпорни ѕидови.
– Многу е значаен овој почеток бидејќи сакаме да бидеме дел од паневропската мрежа на која припаѓаме. Со овој проект ќе ги обезбедиме условите и стандардите што важат во сите европски земји, рече Јосифовски, истакнувајќи дека имаат капацитет да одговорат на задачата.
Деканката на Архитектонски факултет, Анета Христова Поповска истакна дека ќе има многу работа, а прво ќе се прави документирање и анализа на оригиналната документација.
– Ќе има надградба со содржини со кои објектот ќе стане социјален хаб и отворено плато за културниот и јавниот живот на скопјани. Во таа смисла, внимателно ќе ги преиспитаме оригиналните аспекти на дизајнот на Кензо Танге, ќе бидеме многу внимателни софистицирано да ги редизајнираме аспектите на дизајнот, но, исто така, и да пружиме нешто ново што скопјани долго време го очекуваме. Приклучокот со брзата линија, брзата железница во Европа е извонредна работа, го очекуваме со години им го должиме на генерациите по нас, рече Поповска.
ГРАДСКИ ВОЗ ИЛИ „БАС РАПИД ТРАНЗИТ“?
Идејата за градски воз во Скопје, чија реализација ја планира владата, наиде на позитивни реакции. Скопјани сметаат дека воведувањето градски воз би можело да влијае врз намалувањето на сообраќајниот метеж и на загадувањето.
И групата велосипедисти од „На точак“, која правеше таков експеримент пред извесно време, смета дека дополнителна придобивка е што се планира вклучување во постојниот јавен превоз, нешто што беше барано при планирање на скопскиот „бас рапид транзит“.
Тие нагласуваат дека овој градски воз би бил едно од ретките превозни средства во Скопје што се целосно издвоени од сообраќајниот метеж, кој го создаваат автомобилите на коловозите, а потенцијално единствено превозно средство со голем капацитет на кое може да се потпре патникот при планирање на својата маршрута. Тие сметаат дека позитивна работа со градскиот воз на постојната железничка мрежа се неговата брзина и временската сигурност, но забележуваат дека станиците речиси секогаш се во ретко населени места и оти е потребно и второ превозно средство за стигнување до конечната дестинација.
Дали Градскиот воз ќе го растовари преоптоварениот сообраќај во Скопје? Без нови автобуси и попрактични градски автобуски линии е многу тешко да се одговори на ова прашање.
Според владата, градскиот воз, замената на автобусите со еколошки и трамвај, се проекти кои му се неопходни на главниот град за значително подобрување на состојбата со загадувањето на воздухот.
Владата, во април годинава донесе одлука за набавка на 120 екоавтобуси, од кои 80 ќе бидат дадени на ЈСП „Скопје“, а другите 40 ќе бидат распределени по други градови.
Во изминативе три децении имаше различни иницијативи и најави за трамвај, но ниту една не беше блиску до реализација. Коце Трајановски и Трифун Костовски, како поранешни градоначалници, најавуваа идеи и студии за изградбата на шинскиот превоз, а на крајот на декември 2018 година, идејата беше актуализирана и од поранешниот градоначалник на Скопје, Петре Шилегов. Тогашните проценки беа дека изградбата би чинела од 130 до 150 милиони евра.
ВМРО-ДПМНЕ не се откажува од БРТ во Скопје кој беше промовиран како проект во мандатот на Шилегов од СДСМ, иако беа обезбедени европски пари за него и веќе годинава Скопје требаше да биде налик европска метропола. Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека наеднаш се премислил за ова решение и дека со мали измени ќе го имплементира, односно ќе го поддржи.
Текстот е објавен на 23 октомври 2025 година во неделникот „Фокус“, во бројот 1.568.