Мајка на жртва од Кочани: „Кој има душа и разум, нека застане со нас родителите да се бори за правда на убиените ангели

by Fokus

Кој има душа, со разум и развиени мозочни ќелии и застане рамо до рамо, со нас родителите и ќе се бори за правда на убиените ангели, со тоа ќе покаже дека е совесен родител и размислува за иднината на сопствените деца. Да застанеме и да кажеме стоп на криминалот, корупцијата, насилството, дилерите кои ни ја уништуваат иднината на нашите деца, барем тие што ни останаа, половина ни се иселија, од половина што ни останаа ни ги убија“, сподели Верица Трифунова, мајка на загинатата Моника Спасова, која упати апел до граѓаните пред утрешниот (сабота 7 јуни) нов марш во Кочани..

„Тие што преживеаја трајно ни ги оштетија. Затоа ако имате грам совест и човечност, барем за детските животи, придружете ни се на нас родителите на убиените ангели, да почнат да размислуваат што се вистинските вредности во животот, кои со пари не можат да се купат“, вели Трифунова.

Родителите и блиските од семејствата на настраданите во пожар во „Пулс“ в сабота, 7 јуни ќе го организираат седмиот „Марш за ангелите“, во знак на почит кон починатите и поддршка на побрзо закрепнување на повредените во трагичниот настан.

Маршот ќе почне во 16 часот и 5 минути од Паркот на Револуцијата и ќе продолжи кон Трговскиот центар. Потоа учесниците ќе отидат пред Општина Кочани, а оттаму кон Полициската станица и пред Основниот суд и Обвинителството во Кочани.

Семејствата ги повикуваат сите граѓани кои им даваат поддршка во барањето неселективна правда да им се придружат.

За одржувањето на маршот уредно се известени сите надлежни институции, а медиумите да го проследат и да ја почитуваат приватноста и болката на семејствата на настраданите.

Поврзани новости