Луксузните станови на Груевски на Водно конечно се огласени за продажба, вредат 2,5 милиони евра

by valentina 13:01
13:01

Тајниот имот на екс премиерот Никола Груевски, кој беше конфискуван во случајот ,,Плацеви на Водно”, конечно е огласен за продажба.

Агенцијата за управување со одземен имот објави дека се продаваат неговите пет стана, од кои три се наоѓаат во луксузниот комплекс ,,Панорама” на Водно, а два на Бихачка, каде што претходно живееше бегалецот.

Трите стана на Водно, со вкупна површина од 750 квадратни метри, се со вкупна проценета вресност од над 2,4 милиони евра.

Апартманите се луксузно опремени, а од огромните балкони, со површина на просечен стан, Груевски требало да има неверојатна глетка кон цело Скопје.

Еден од апартманите е со големина од 155 квадратни метри, со балкон од 95 квадрати. Овој стан се продава по цена од 760.000 евра.

Вториот е со големина од 199 квадрати, со балкон од 48 метри квадратни и е проценет на 847.000 евра.

Третиот, е речиси со идентична големина, односно од 200 квадратни метри и идентичен балкон од 48 квадрати. Проценет е на 851.000 евра.

Нови сопственици ќе добијат и двата стана на Груевски во Кисела Вода. Тој пред да избега, живееше во дуплекс, односно два споени стана со површина од над 140 квадратни метри. Но, имал уште два стана на истиот кат, со вкупна површина од 100 квадратни метри. Едниот го користел како библиотека, а другиот како работна соба.

Поголемиот, оној од 57 метри квадратни се продава по цена од 63.000 евра, а помалиот од 38 квадрати, по цена од 44.000 евра.

МИЈАЛКОВ НЕ МОЖЕ ДА ГО КУПИ ИМОТОТ НА БРАТУЧЕДОТ

Овие станови ќе се продаваат според новиот Закон за управување со одземен имот, донесен во март годинава. Тоа значи дека на јавната аукција нема да можат да се пријават членови на неговото семејство, како што тоа се случи при продажбата на имотот на неговиот братучед  Сашо Мијалков. Дел од имотот на поранешниот директор на УБК купи неговиот син, па поради тоа и се алармираше дека се неопходни законски измени за имотот да не се врати кај стариот сопственик.

Поточно, според најновите законски измени, како купувач или закупувачи не можат да се јават ниту брачниот или вонбрачниот другар, роднина во прва линија или до четврти степен во странична линија на осуденото лице.

,,Како купувачи не можат да се јават ниту правни лица или одговорни лица или бранителот или правниот застапник на правното лице во кое осуденото лице од кое што е конфискуван или одземен имотот се наоѓа како сопственик на најмалку 25 отсто од сите акции или, пак, се наоѓа на раководна позиција во тоа правно лице”, е предвидено во новиот закон.

Според стариот закон, пак, кој беше во сила кога се продаваше имотот на Мијалков, на огласот единствено немаше право да се јави осудениот.
Па, така, фирмата на Јордан Мијалков, „Бест веј инвестмент“, ги купи трите луксузни стана на Водно, кои беа одземени од неговиот татко во случајот „Империја“.

Валентина Вурмо

Слични вести