Пратеничката од СДСМ, Сања Лукаревска, на денешната седница за пратенички прашања, постави прашање до министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски, во однос на намалената откупна цена на оризовата арпа и застојот со откупот.
Лукаревска посочи дека оризопроизводителите се соочуваат со доцнење на исплатата на субвенции, а паралелно и со откупна цена од само 18 до 23 денари за килограм арпа.
Во обраќањето, Лукаревска го повика министерот Трипуновски да одговори кога ќе ја реализира исплатата на субвенциите за оризопроизводителите и дали во таа исплата ќе биде вкалкулирано и барањето на оризопроизводителите за дополнителни 12 денари субвенција за килограм откупена оризова арпа.
„Моето пратеничко прашање се однесува на состојбите во оризопроизводството, односно за т.н. „кочанското бело злато“ оризот, кој претставува основна и доминантна земјоделска култура во општините Кочани, Зрновци, Чешиново-Облешево и во делови од општините Карбинци и околните населени места.
Преку ваши активисти, земјоделци, организиравте протести токму во Кочани и кочанско, барајќи повисока откупна цена за арпата, тогаш на ниво од 42 денари за килограм. Тогаш имаше организиран откуп и постоеше цена, но и покрај тоа, се блокираа патишта и се вршеше силен притисок врз тогашната власт.
Денес, кога сте на чело на ова министерство, состојбата е драматична. Се намалија субвенциите во земјоделството за 40 милиони евра, а се укинаа и субвенциите на ситните сорти ориз кои се застапени кај нас. Оризопроизводителите се соочуваат со откупна цена од само 18 до 23 денари за килограм арпа, а откупот е во застој или целосно неизвесен“ рече Лукаревска.
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски одговори на пратеничко прашање поставено од Сања Лукаревска, при што се осврна на актуелните мерки во земјоделскиот сектор, со посебен акцент на оризопроизводството.
Тој истакна дека протестите организирани минатата сабота од опозицијата се обид за политичка манипулација нагласувајќи дека токму тие што денес критикуваат во минатото оставиле сериозни проблеми во земјоделството.
Тој посочи дека оризопроизводителите во саботата истакнаа дека имаат резерви ориз од пред пет години, период кога, како што рече, на власт бил СДСМ.
– За разлика од минатото, кога оризот не беше третиран како стратешка култура, оваа Влада презеде конкретни чекори. Оризовата арпа ја дефиниравме како стратешка култура и обезбедивме откуп за потребите на државните стоковни резерви – рече Трипуновски.
Тој информира дека во 2024 година била реализирана мерка за кофинансирање, набавка на комбајни и сушарници за ориз, со вкупна поддршка од над 35 милиони денари, дека имало 57 пријави и сите биле одобрени.