Пратеничката на СДСМ Сања Лукаревска побара од министерката за образование Весна Јаневска да каже кога сите ученици од ООУ „Киро Глигоров“ ќе ја продолжат настава со физичко присуство.
Лукаревска ја потсети Јаневска дека пред 13 дена од собраниската говорница најави дека за една недела сите ученици ќе учат со физичко присуство. Во училиштето учениците од прво до петто одделение учат со физичко присуство, додека учениците од шесто до деветто одделение сè уште следат онлајн настава.
Лукаревска посочи и на претходното ветување на Јаневска дека реконструкцијата ќе заврши за две недели, потенцирајќи дека во училиштето сè уште има градежни работи, а техничкиот прием не може да биде завршен поради потребата од дополнителни проверки.
Лукаревска рече дека не треба да се лицитира со рокови кога реалноста е поинаква и побара објаснување каде е застојот со реновирањето и кога учениците ќе се вратат во училишните клупи.
„Вчера баш бевте во посета на училиштето, веројатно ја видовте на лице место ситуацијата каква е. Градилиште, прашина, крпеници. Технички прием сè уште не може да се направи, заради тоа што мора да се преземат дополнителни дејствија, односно да се направат други соодветни проверки.
Значи сепак, не може со леснотија да се расфрламе со датуми и рокови, а реалноста да е сосем поинаква. Во ваква ситуација не смее да си дозволите импровизација. Од типот на одење во втора смена, а од друга страна велите сите да учат до 16:30 часот, се побивате самите себеси. Со овој пристап на онлајн настава уште го кршите Законот за основно образование. Па еве ќе се обидам уште еднаш.
Моето конкретно прашање до Вас е кога сите ученици од сите одделенија во ООУ ,, Киро Глигоров, ќе почнат да учат со физичко присуство“.