Американскиот натпреварувач во уметничко лизгање – Максим Наумов го одбележа своето деби на Зимските олимписки игри во Милано со емотивен настап што го трогна светот.
Во кратка програма, на мразот на „Миланската арена за лизгање на мраз“, тој им оддаде почит на своите родители кои трагично ги загубија животите во авионска несреќа во САД пред една година.
View this post on Instagram
Додека чекаше оценки од судиите, Наумов држеше во рацете стара фотографија од детството – моментот кога, како момче, со помош на мајка му и татко му, ги прави првите чекори во лизгање.
Тие беа негова најголема поддршка и модел, а сега станаа негова најголема инспирација. Неговите родители, поранешните светски шампиони во лизгање во парови, Евгенија Шишкова и Вадим Наумов, беа меѓу 67-те лица кои загинаа во авионска несреќа на 29 јануари 2025 година.
– Не знаев дали да плачам или да се смеам. Можев само да ги погледнам нагоре. Сè уште не можам да поверувам што се случи – рече видно потресениот Наумов по настапот.

Иако не се сметаше за кандидат за медал, Наумов изведе една од најдобрите кратки програми во својата кариера. По настапот падна на колена и погледна кон небото, испраќајќи им порака на своите родители: „Погледнете што направивме“.
Зимските олимписки игри во Италија, поточно во Милано и Кортина, се одржуваат од 6 до 22 февруари.