Локалниот огранок на партијата Левица во Пробиштип остро реагира на, како што велат, скандалозната шема во која се вклучени високи партиски функционери и директори блиски до ВМРО-ДПМНЕ, со цел личен профит на штета на рударите.
Според соопштението, рударите од Пробиштип секој месец губат 10% од својата плата во форма на казни, додека лица блиски до владејачката партија, наместо да се грижат за подобри услови за работниците, започнале приватни бизниси кои профитираат токму од овие рудници.
Во центарот на обвинувањата е Марјан Панов – Лиса, претседател на т.н. „Патриотски институт“ и близок соработник на кандидатот за градоначалник Томе Стефановски – Тозо. Панов, според Левица, отворил агенција за обезбедување – Security Fox, која добила договори за обезбедување на рудниците Булмак – Пробиштип и Тораница – Крива Паланка. Иронично, агенцијата започнала со работа токму на 1 Мај – Меѓународниот ден на трудот.
Дополнително, Левица тврди дека во шемата е вклучена и пратеничката Драгана Арсова, бидејќи, според нивните информации, возило на нејзиниот сопруг е заведено како имот на споменатата агенција.
Покрај обезбедувањето, храна за рудниците, како што обвинува Левица, обезбедува директорот на Булмак и Тораница, Тони Тоневски – воедно и кандидат за градоначалник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ. Така, според Левица, „едниот ја држи храната, другиот обезбедувањето – и двајцата профитираат од маката на рударите, под партиска закрила“.