Левица обвинува дека ДПМНЕ го замени „домашниот јаглен“ со увоз од Косово

by irena 17:03
17:03

Левица ја обвини владејачката ВМРО-ДПМНЕ дека не го исполнила предизборното ветување за отворање на рудникот Живојно и обезбедување домашен јаглен за потребите на РЕК Битола, туку наместо тоа обезбедила повеќегодишна набавка на јаглен од Косово.

Од опозициската партија потсетуваат дека пред изборите ВМРО-ДПМНЕ ја претставувала експлоатацијата на домашните резерви на јаглен како еден од клучните чекори за намалување на зависноста од увоз и за постабилно производство на електрична енергија.

„ДПМНЕ градеа енергетска приказна врз ветување дека ќе се отвори Живојно, РЕК Битола ќе се потпира на ‘наш домашен јаглен’, а зависноста од набавки однадвор ќе се намалува“, наведуваат од Левица.

Од партијата посочуваат и дека Христијан Мицкоски, додека ВМРО-ДПМНЕ беше во опозиција, жестоко ги критикувал тендерите за увоз и ископ на јаглен, оценувајќи ги како „епски криминал“ и поврзувајќи ги со суми од над 140 милиони евра.

Според Левица, две години по преземањето на власта, ветениот проект Живојно сè уште нема резултат каков што бил најавуван, додека во меѓувреме е обезбедено повеќегодишно снабдување со јаглен од Косово.

„ДПМНЕ дојде на власт со ветување дека ќе ја намали зависноста од надворешни набавки преку домашен ресурс, а две години подоцна обезбедува снабдување од странство за цел мандатен циклус“, се наведува во соопштението.

Според податоците што ги изнесува Левица, станува збор за договор за околу три милиони тони јаглен од Косово. Доколку биде искористена целата предвидена количина, договорната вредност би изнесувала околу 73,2 милиони евра.

Од партијата додаваат дека на оваа сума треба да се земат предвид и дополнителните трошоци поврзани со ископот, анализата на јагленот, утоварот, транспортот, шпедицијата и истоварот.

Левица се повикува и на процените на ЕЛЕМ според кои во периодот од 2027 до 2030 година за потребите на РЕК Битола и Осломеј ќе недостигаат околу 1,4 милиони тони јаглен годишно.

„Надворешниот јаглен не се планира како резерва, туку како редовна компонента на производството во следните години“, тврдат од партијата.

Поради тоа, Левица бара од Владата да соопшти што конкретно е реализирано од најавениот проект Живојно, колкави количества домашен јаглен се обезбедени и зошто увозот, кој ВМРО-ДПМНЕ го критикуваше додека беше во опозиција, сега станува дел од долгорочниот модел за снабдување на домашните енергетски капацитети.

„Клучното прашање е зошто, по две години целосна контрола врз Владата и ЕЛЕМ, нема мерлив резултат од ветувањето за Живојно, а има тригодишно обезбедено снабдување од Обилиќ“, наведуваат од Левица.

Од опозициската партија оценуваат дека со ваквиот пристап продолжува зависноста на домашното производство на електрична енергија од увоз на јаглен.

„ДПМНЕ денес ја спроведува истата политика на зависност како и СДСМ. Живојно го користеа како доказ дека ќе управуваат поинаку, а по две години резултатот е Обилиќ“, заклучуваат од Левица.

Слични вести