Левица: На Тошковски му бегаат тепачи на жени од полициски станици, а МВР сѐ уште не поднесува кривична пријава

by irena 09:49
09:49

Опозициската партија Левица преку соопштение упати сериозни обвинувања до министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и полицијата по случајот во Битола, во кој маж осомничен за семејно насилство избегал низ прозорец од полициска станица.

Според наводите на Левица, жена пријавила дека била физички малтретирана и добивала закани со убиство од својот партнер, кој наводно ја давел со голи раце и не ѝ дозволувал да дише. Осомничениот бил однесен во полициска станица, но успеал да избега, по што полицијата го пријавила како „недостапен“.

Од партијата посочуваат дека особено загрижува фактот што, според нив, во известувањето до Обвинителството не било наведено дека лицето избегало од полициска станица, како и тоа што сè уште не била поднесена кривична пријава по службена должност.

Левица бара одговор од Тошковски за постапувањето на полицијата и прашува дали и во овој случај ќе има само внатрешна контрола, без кривична одговорност за полициските службеници.

Во соопштението се посочува и дека во два случаи на фемицид, и покрај дисциплинските постапки против 50 полициски службеници, досега немало кривична одговорност за ниту еден од нив.

Од партијата бараат министерот итно да објасни како осомничен за насилство успеал да избега од полициска станица и со денови да остане недостапен за полицијата, и покрај најавите за побрзо постапување во случаите на семејно насилство.

Слични вести