Куман по елиминацијата на Холандија: Мрачно поглавје за нас

by irena 11:32
11:32

Селекторот на холандската репрезентација, Роналд Куман, ги сподели своите впечатоци по елиминацијата на неговиот тим на Светското првенство.

Холандската репрезентација беше елиминирана во 16-финалето, откако Мароко беше подобар по изведувањето на пеналите (3:2).

„Не можеме да си префрламе ништо. Се гледа колку се скршени момците, а имаа сон. Секако, работите можеа да бидат и подобри. Во одредени моменти гледав дека премногу се повлековме и повеќе не можевме да вршиме притисок. Но, исто така, се браневме многу добро“, изјави Куман.

Искусниот стручњак истакна дека не жали што тактички влегол во натпреварот со петмина одбранбени играчи.

„Кога би требало да го повторам тоа, би постапил исто. Одлучивме да играме така бидејќи дозволивме премногу шанси на претходните три натпревари. Можевме да замижиме пред тоа и да продолжиме на истиот начин, но сметам дека на тренерот е да ги промени работите. Не стануваше збор за очајнички потег; всушност, јас сум поборник за овој систем“, изјави Куман, додавајќи дека не му пречат критиките:

„Цела Холандија бараше од нас да играме со петмина одбранбени играчи. И ете, играме со петмина, а потоа нè критикуваат за тоа. Навистина не ми е грижа. Сè се сведува на гледање наназад. Сите имаат одговори кога работите веќе се случиле. Го дадовме максимумот и немаме за што да се жалиме“.

Џастин Клајверт, Квинтен Тимбер и Крисенсио Самервил не успеаја да реализираат од „белата точка“.

„Сите знаеме колку се тешки пеналите во вакви моменти. Промашивме три од пет, а тоа е премногу. Дури го внесовме и Џастин Клајверт бидејќи обично е добар изведувач на пенали. Едноставно, не ни беше судено. Изгледа дека ова за нас останува како мрачно поглавје“, рече Куман.

Куман изјави дека размислува дали ќе остане на позицијата селектор на холандската репрезентација, но дека во овој момент не сака да зборува за тоа прашање.

Слични вести