Официјални документи открија: Трамп купувал и продавал акции на „Nvidia“

by irena 08:42
08:42

Претседателот на САД, Доналд Трамп, тргувал со акции на компанијата „Nvidia“, според документи што пред неколку дена ги објави Канцеларијата за владина етика (OGE).

Податоците беа обелоденети откако високи претставници на Демократската партија го обвинија Трамп дека ги става сопствените финансиски интереси пред националната безбедност на САД.

Според извештајот, на 2 септември, преку брокерските сметки на Трамп, биле купени акции на „Nvidia“ во вредност од 100.001 до 250.000 долари.

Една недела подоцна следела уште една набавка, во вредност меѓу 1.001 и 15.000 долари, додека на 24 септември била евидентирана продажба на акции во истиот вредносен опсег.

Извештајот за август, објавен минатиот месец, покажа дека на сметките на Трамп во тој период биле евидентирани купувања на акции на „Nvidia“ во вредност до 1,56 милиони долари, како и продажби во вредност до 1 милион долари.

Трамп се соочува со остри критики откако изјави дека лично го убедил управниот одбор на технолошкиот гигант „Nvidia“ повторно да го назначи Џенсен Хуанг за извршен директор, по неговата оставка поради љубовна врска со кинеска бизнисменка, за која американските власти се сомневаат дека била поврзана со кинеската разузнавачка служба.

Трамп тврди дека разговарал со членовите на одборот и им дал гаранции дека враќањето на Хуанг не претставува закана за националната безбедност на САД.

„Тие побараа гаранција за заканата за националната безбедност и ние им дадовме гаранции со сè што знаеме. А знаеме многу. Луѓето прашуваат дали е закана да го имаш? Не, заканата е да го изгубиш“, изјави Трамп.

Според наводите во објавениот текст, враќањето на Хуанг придонело за прекин на еднонеделниот пад на американските акции.

Акциите на „Nvidia“ пораснале за 31 отсто по неговото повторно назначување, а пазарната вредност на компанијата се зголемила за околу еден билион долари.

Слични вести