Приказна во стилот – пред и потоа, во која главен протагонист е кученцето Доди, мешанка со мал раст, доаѓа од Кавадарци, и сведочи колку можат да направат љубовта и грижата за едно беспомошно животно.
Како што информираат од организацијата Срце за животните – Тиквеш, Доди ја поминала својата прва година од животот сама, во пустелија, врзана на ланец, во крајно нехумани услови и без соодветна грижа.
Откако пред три месеци била спасена и рехабилитирана, таа заминала во својот нов дом.
– Доди живеела од бебе врзана на ланец во пустелија како куче чувар, да чува безвредни работи. Цела година ипол сама во глувите ноќи, преплашена од секој звук.
Поминаа три месеци откако ја спасивме од таму и од викендов започна нова приказна, нов живот, објавија од Срце за животните – Тиквеш, споделувајќи фотографии од Доди, на кои е очигледна големата трансформација.
Од запуштено, преплашено и преслабо кученце, врзано со метален синџир околу вратот, оставено буквално среде депонија, таа сега е негувано и средено милениче, со сјајно крзно и со зголемена телесна тежина, кое мирно живее во новиот дом.
Приказни, како оваа на Доди, во земјава има неброено, а повеќето од нив се без среќен крај. Илјадници кученца се оставени на милост и немилост на човекот, запуштени или избркани на улица од своите сопственици, и се обидуваат да преживеат на улиците.
Токму поради нехуманиот третман врз животните, но и институционалниот однос кон насилството врз животни, вчера во Скопје се одржа протест пред Министерството за внатрешни работи, организиран од граѓанската иницијатива „Зелен Хуман Град“, со поддршка на активисти, здруженија за заштита на животни и граѓани.
По кој знае кој пат, активистите ги повторија своите барања пред институциите: Воведување минимум една година задолжителна затворска казна за кривичните дела убиство и мачење животни, формирање локални општински служби за заштита на животните, донесување закон за Комунална полиција со посебна единица за полиција за животни, спроведување превентивни мерки за редуцирање на насилството, како и воведување системска едукација за хуман однос кон животните.
Вики Клинчарова