Коста Кецмановиќ – извршителот на масовното убиство во основното училиште „Владислав Рибникар“ денес ќе сведочи на судењето на неговите родители Владимир и Миљана Кецмановиќ, кое започна од почеток кон крајот на јануари годинава.
Момчето, кое не може да биде судено за злосторството што го сторило бидејќи немало 14 години, веќе сведочеше за време на претходните судски постапки на неговите родители. Како и тогаш, тој ќе биде донесен од клиниката каде што се наоѓа од 3 мај 2023 година, а судењето е повторно преместено во Специјалниот суд од безбедносни причини.
Момчето кое го изврши масовното убиство за време на претходното сведочење рече дека пукал во своите врсници бидејќи „бил под притисок од своите родители“, а освен што ја префрли вината на своите родители, рече и дека „сакал да биде психопат“.
Претходно, тој наводно им кажал на Обвинителството и на судот дека го извршил масовното убиство со двата пиштоли на неговиот татко, кои, како што рече, „лесно ги нашол во плакарот во станот и ги преместил во својата соба два дена пред злосторството“.
Потоа потврди дека неговиот татко го однел на стрелиштето и му рекол дека е „горд на начинот на кој пука, неговата техника и прецизност“.
– Да го немав пиштолот на мојот татко, немаше да го извршам масакрот. Оружјето ми беше на дофат – наводно рекол за време на сведочењето.
Момчето немаше убави зборови ниту за неговата мајка на последното судење. Тој рече дека таа била таа што го замолила да биде најдобар во сè и дека нејзиното однесување било капислата да оди вооружен во „Рибникар“ и да пука во своите соученици.

Според неофицијални информации претходно објавени во медиумите, момчето кажало во Обвинителството дека на 3 мај минатата година во 8:02 часот наутро го фотографирал оружјето на својот татко во дневната соба, потоа го ставил во ранецот и отишол на училиште, и дека планирал да го одложи првиот час за сите да бидат во училницата кога тој ќе пристигне.
Тој истакнал дека, кога стигнал во училиштето, се двоумел. Сепак, размислувал да се врати дома.
– Имав желба сепак да разговарам со мајка ми, да се вратам дома, но во тој момент чуварот ми се приближи и ме праша дали сакам да влезам во училницата. Имаше две минути до ѕвончето. Реков дека ќе чекам, а потоа веќе бев под стрес, се испаничив и го видов како закана, можеби во смисла дека може да ме спречи да се вратам дома – рече малолетникот.
Според неговото сведочење, тоа било поводот да пука во чуварот на училиштето, по што влегол во училиштето каде што ги застрелал учениците.
Во Обвинителството, тој опиша и што направил откако пукал во училиштето.
– Имав повеќе куршуми, не знам зошто престанав да пукам. Скокнав низ прозорецот и ја повикав полицијата. Мислев дека е правилно да се предадам. Исто така, се плашев дека некој може да ме повреди или убие – рече момчето.
Коста детално му раскажа на обвинителот кој „му го ставил пиштолот во рацете“ и како. Тој забележа дека не му го дал инструкторот оружјето за да пука на стрелиштето, туку неговиот татко.