На 19-ти јули сите патишта ќе водат кон Охрид, а ние со особена чест и на ваше големо задоволство ви го најавуваме концертот на македонскиот актер и музичар Игор Џамбазов, информираат од ПР тимот на Џамбазов, по повод настанот на кој тој ќе биде придружуван од Гуру Харе со неговиот бенд.
Додаваат дека концертот ќе се снима за телевизиски проект.
– На 19-ти јули 2025 година на Антички театар со почеток во 21 часот публиката ќе има можност да го слушне „Најдоброто од Игор Џамбазов“ – порачуваат организаторите на големиот концерт на отворено во Охрид.
На сцената ќе го придружува и неговиот блуз – соборец Гуру Харе со својот бенд. Планирана е изведба на неговите најголеми хитови: „Диши длабоко“, „Да си жив и здрав“, „Каква е оваа ситуација“, „Скопјанец в Битола“, „Скопје – Сарај – Матка“, „Племето и семето“, „Фотографија“, „Труба” „Време за плачење“, „Хотел Македонија“, „Македоникејшн” „Во бестрага“ како и материјалот од новиот албум „Првите триесет“.
Бидејќи ќе биде „The Best Off” концертот ќе се снима за телевизиски проект, велат организаторите.
Влезниците за настанот ќе бидат достапни од среда, 4-ти јуни.
Ова лето според најавите на продукциските куќи, во Антички театар Охрид ќе се одржат голем број на концерти, посебно на домашни изведувачи.
Покрај Џамбазов, концерти најавија и Нокаут, Тамара Тодевска, Влатко Миладиновски, Владо Јаневски, Дац и Александар, Ѓоко Танески и други.
Вики Клинчарова