Комплетирана е продажбата на „Тинекс“ – кој е новиот газда од Косово?

„Проекс Интернационал“ со седиште во Приштина е активна од 2011 година и стои зад „Интерекс“ – еден од најголемите малопродажни синџири во Косово со 36 маркети во 18 градови и околу 1.700 вработени. Како единствен сопственик на „Проекс“ се јавува друштвото „ЦДИ Косово“, каде доминантен удел поседува косовскиот бизнисмен Шаип Микуловци.

by vlatko 16:01
16:01

Косовската компанија „Проекс Интернационал“ и официјално стана сопственик на супермаркетите „Тинекс“ на бизнисменот Владимир Тодоровиќ, кои во изминатиот период се соочија со големи потешкотии во работењето, кои беа видливи и во самите маркети, каде имаше голем дефицит на производи.

Имено, оваа промена во сопственичката структура на „Тинекс“ е официјално евидентирана во Централниот регистар, откако претходно двете страни потпишале писмо со намери и рамка за трансакција, што мина и низ филтрите и на Комисијата за заштита од конкуренцијата.

Всушност, договорот се однесува на малопродажниот бизнис на „Тинекс-МТ“ што функционира под називите „Тинекс“, „Супер Тинекс“, „Тинекс Деликатес“, „Конто и Спот“, кои за потребите на оваа зделка беа префрлени во новоформиран правен субјект – „Тинекс Маркет“.

Инаку, „Проекс Интернационал“ со седиште во Приштина, чија главна дејност е трговија на мало во неспецијализирани продавници претежно со храна, пијалаци и тутунски производи, е активна од 2011 година и стои зад „Интерекс“ – еден од најголемите малопродажни синџири во Косово со 36 маркети во 18 градови и околу 1.700 вработени.

Поточно, станува збор за вториот по големина синџир на маркети во Косово, а матичната компанија која го поседува има и бензински пумпи и располага со значаен имот во недвижности. Колку за информација, во текот на ланската година фирмата остварила приходи од над 223 милиони евра.

Како единствен сопственик на „Проекс“ се јавува друштвото „ЦДИ Косово“, каде удел од 93 проценти поседува косовскиот бизнисмен Шаип Микуловци, кој воедно е и претседател е на Управниот одбор на Групацијата што ги поседува маркетите „Интерекс’ и други брендови, како и трговски центри во Приштина, Пеќ и Дренаш.

Што се однесува до новиот управител на „Тинекс“, Лиридон Бериша, пак, за него може да се каже дека има долгогодишно искуство во малопродажбата. Во неговата биографија се наведуваат раководни позиции во „Интерекс“, но и во „Вива Фреш“, „Емона Сити“ и „Елкос Груп“, каде работел во областите на логистика, увоз, маркетинг, продажба и оперативен менаџмент.

Како што е познато, „Тинекс“ во изминатиот период се соочи со сериозни финансиски предизвици. Според официјалните податоци, приходите на компанијата во ланската 2025 година изнесувале околу 86 милиони евра, што е за над 16 проценти помалку во однос на претходната 2024 година.

Покрај тоа, ако друштвото во 2024 година имала добивка од 878 илјади евра, лани забележало загуба од дури 3,5 милиони евра. Патем, фирмата во 2024 година имала 1.120 вработени, додека во 2025 година оваа бројка паднала на 995.

„Тинекс“ пред продажба: Косовска компанија побарала дозвола од КЗК за преземање на маркетите!

Влатко Стојановски

Слични вести