Коли и контејнери пловат во Битола

by irena 16:38
16:38

Во населбата Карпош во Битола, на преминот кон населбата Кланица, ситуацијата е критична поради собирање на вода на улиците. Патничко возило заглави во локален „басен“, а контејнери буквално пловат по водата, додека шлеп-служба се обидува да го извлече автомобилот, објави Тера ТВ.

На оваа локација често се акумулира вода, особено за време на обилни врнежи, што дополнително ја отежнува сообраќајната и секојдневната комуникација во населбата.

Јавното претпријатие Водовод Битола соопшти дека дефект на водоводната мрежа е причина за прекин на водоснабдувањето за дел од корисниците од населба Карпош. Се очекува прекинот да трае до целосно завршување на активностите за отстранување на хаваријата.

Ова е втора водоводна хаварија во Битола за само два дена. Вчера Водовод информираше за дефект на водоводната мрежа (ПВЦ ф 315), поради кој без вода останаа корисниците од Буковска населба, улицата Воден, Царинскиот терминал, како и битолските села Кравари, Оптичари, Егри, Гермијан, Кременица, граничниот премин Меџитлија, Жабени и Лажец.

Граѓаните се повикуваат да ја следат информацијата од ЈП Водовод Битола и да превземат соодветни мерки додека траат прекините и работите на поправка на мрежата.

Слични вести