Од 288, дури 213 проекти се реализираат преку Министерството за транспорт и се однесуваат на реконструирање улици или изградба на атмосферска или фекална канализација. Тоа покажува дека досега на ниту еден градоначалник во минатото, приоритет не му било решавањето на основните инфраструктурни услови во градовите.
Заедничко за општините и нивните градоначалници е што тендерите за проектите финансирани со унгарскиот кредит ги добивале само неколку фирми. Има случаи кога една фирма добива по неколку проекти од јавниот повик, додека чести се случаите фирмата што претходно ги добивала тендерите од општината, да добие шанса да заработи нешто и од унгарскиот кредит.
Пишува: Орце КОСТОВ
Од вкупно 80 општини во Македонија пристигнаа речиси 900 проекти од вториот повик на Владата за аплицирање со проекти што се финансираат со 250 милиони евра од унгарскиот кредит, кој ни го одобри владата на Виктор Орбан во 2024 година.
Одобрени се 828 проекти во мај годинава, кои заедно со 288 проекти од првиот јавен повик, кој се случи на крајот од 2024 година, сочинуваат бројка од 1.116 проекти, кои премиерот Христијан Мицкоски на една прес-конференција ги нарече градилишта, а самиот проект градежна офанзива.
Од владата, за „Фокус“, велат дека најголем дел од проектите се насочени кон подобрување на патната инфраструктура.
„Значителен е и бројот на проекти што се однесуваат на заштитата на животната средина, уредување, разеленување јавни површини, изградба на паркови и тревни зони. Меѓутоа и проекти што се во насока на подобрување на условите на воспитно-образовните установи, преку изградба или доградба на училишта и детски градинки“, одговорија од владата.
Од владата дополнително информираат дека од првиот јавен повик има 288 проекти, повеќе од 90 отсто веќе се реализираат, а голем дел од нив и се завршени.
„За првиот јавен повик склучивме договори во висина од близу 4,6 милијарди денари (74 милиони евра), додека во вториот јавен повик податоците на проекти и денеска се собираа, засега има пристигнато апликативни формулари некаде близу 16 милијарди денари (околу 260 милиони евра), што значи дека вредноста на сите проекти кумулативно ќе надмине 20 милијарди денари и тоа е навистина импозантна бројка“, сметаат од владата.
НЕМА ПРОЕКТИ ЗА ЗАГАДУВАЊЕТО
На огласот се јавија сите општини, без разлика од која политичка партија или коалиција доаѓа нивниот градоначалник, но не сите од нив објавија за какви проекти ќе аплицираат.
Неколку општини во Македонија важат за едни од најзагадените на светско ниво, но ниту една нема конкретен проект за подобрување на животната средина. Најчесто оние што се во графата под Министерство за животна средина, сите пари ќе ги потрошат на изградба на фекална канализација.
Заеднички именител за сите објавени проекти на општините во првиот и во вториот повик е реконструирањето на улици или изградба на атмосферска или фекална канализација.
Но, има и некои разлики. Во вториот повик, на шест месеци пред избори, градоначалниците се осмелија да предложат посериозни проекти, но не пропуштија да му се заблагодарат на премиерот Христијан Мицкоски за поддршката, барем оние што се од ВМРО-ДПМНЕ.
На пример, првиот човек на Општина Кисела Вода, Орце Ѓеорѓиевски, покрај проектите за фекална и атмосферска канализација, аплицираше со проект за изградба на поликлиника, реконструкција на објекти, речно корито, улици и пешачки патеки.
Градоначалникот на Општина Бутел, Дарко Костовски аплицираше со проекти за нова поликлиника, плоштад, културен дом, затворен базен и нови мостови.
Кирил Пецаков, во Охрид аплицираше со проект за катна гаража покрај проектите за атмосферска и фекална канализација, додека градскиот татко на Битола, Тони Коњановски потпиша проектни апликации за 30 проекти, меѓу кои три спортски сали, реконструкција на улици и промена на канализациска и водоводна мрежа која според него е приоритетна. Но, ќе се реконструира и битолската Зоолошка градина.
Марко Колев во Велес, кој како и горенаведените градоначалници, си заработи кандидатура за втор мандат, аплицираше со проекти за реконструкција на влезови од селски патишта, спортската сала, некои градски улици, но не и со проект за заштита на езерото Младост.
Митко Јанчев во Кавадарци побара два милиони евра за доградба на спортската сала и апартмани за сместување на спортисти, спа-центар, еколошки пазар, картинг-патека и за гасификација на општината.
Градоначалникот на Струмица, Костадина Костадинов аплицираше со 13 проекти, повеќето од нив за изградба на дел од сервисни улици во градот, но има и за изградба на семејни куќи во низа, што ќе бидат наменети за домување за социјално загрозени семејства.
Финансирањето на капиталните проекти од вториот повик се случува на шест месеци пред локалните избори, што дава простор за политички шпекулации дека проектите што ќе реализираат со оваа дополнителна сума од централната власт се изборен поткуп.
На вториот повик, во изразувањето благодарност кон премиерот, на вмровските градоначалници им се приклучија и опозициските градоначалници.
ФИРМИ ОМИЛЕНИ НА ВЛАСТА?
Финансирањето на капиталните проекти на општините како процес почна на една година пред локалните избори во 2025 година. Реализацијата од првиот јавен повик вреден 100 милиони евра во најголемиот дел од општините е во тек и во најголем дел почна на некој месец пред избори.
Од 288, дури 213 проекти се реализираат преку Министерството за транспорт и се однесуваат на реконструирање улици или изградба на атмосферска или фекална канализација. Тоа покажува дека досега на ниту еден градоначалник во минатото приоритет не му било решавањето на основните инфраструктурни услови во градовите за што во изминативе деценија и половина апелираат сите невладини организации, кои се занимаваат со локалните проблеми и потезите на локалната самоуправа.
Во дел од апликациите се бараат пари за изградба на неколку градинки и доградба на училишта, но тие проекти се бројат на прсти.
Но, исто така, заедничко на општините и нивните градоначалници е што тендерите за проектите финансирани со унгарскиот кредит ги добивале само неколку фирми. Има случаи кога една фирма добива по неколку проекти од јавниот повик, додека чести се случаите фирмата што претходно ги добивала тендерите од општината, да добие шанса да заработи нешто и од унгарскиот кредит.
„Фокус“ анализира кои проекти се сработени од парите од првиот јавен повик на владата и кои се компаниите што се офајдиле најмногу добивајќи ги тендерите на општините.
Градоначалникот на Шуто Оризари, Курто Дудуш отиде најдалеку при првиот повик и аплицира со 25 проекти на јавниот повик на Министерството за локална самоуправа, бидејќи 21 од предлог-проектите се за реконструкција на локални патишта, додека четири се за атмосферска канализација.
Друштвото за услуги, трговија и производство „Урбан Павер ДОО увоз-извоз“ од Скопје ги реконструира сите улици за кои аплицирал Дудуш. За вкупно 18 реконструкции на локалните улици, фирмата ќе заработи приходи од 923 илјади евра.
ГАЗИ БАБА ПРИ КРАЈ И СО ВТОРИОТ ПОВИК
Градоначалникот на општина Гази Баба, Бобан Стефковски рече дека на првиот повик Општина Гази Баба аплицирала со четири проекти: изградба на нова детска градинка, реконструкција на Домот на културата „11 Октомври“ и изградба на новопроектирана улица на потегот меѓу Ќерамидница и Маџари и изградба на нова спортска сала во Црешево.
Новата градинка во Инџиково ја изгради фирмата „Вардарградба ДОО“ од Трубарево, Скопје, која го доби тендерот на Општина Гази Баба вреден 772.287 евра.
„Итек Системс“ од Гевгелија ќе го реконструира Домот на културата за сума од 1,4 милиони евра. Фирмата „Енергоинвест Трејд Глигор и др. ДОО“ од Скопје ќе ја гради првата новопроектирана улица кај новите згради кај ФОН за 320 илјади евра, додека „Филип Инженеринг“ од селото Бразда, Чучер-Сандево, ќе ја гради втората новопроектирана улица на истата локација за 290.000 евра.
На вториот повик, Општина Гази Баба доставила до Министерството за локална самоуправа 12 проекти, со целокупна документација за нивна реализација, како што се: изградба на уште една нова детска градинка на потегот меѓу Ќерамидница и Маџари, доградба на ОУ „Крум Тошев“ во Трубарево, изградба на фекална канализација во Јурумлери, изградба на фекална канализација во Идризово и во Дрма и реконструкција на повеќе улици.
Тендерската постапка за овие проекти заврши и веќе се избрани изведувачите на градежните работи. Тоа значи дека Гази Баба е отидена најдалеку во реализацијата на парите од унгарскиот кредит наменети за локалната самоуправа.
Градежната компанија „Жикол“ од Струмица ќе ја гради новата детска градинка во Триангла, за која ќе се потрошат 2,4 милиони евра. Оваа фирма доби уште два тендери од вториот повик: 1,015 милиони евра за изградба на атмосферска канализација по две улици во населба Железара и 613 илјади евра за реконструкција на Палмиро Тољати во населбата М. А. Ченто.
Фекалната канализација во Јурумлери ќе ја гради „Вардарградба ДОО“ од Трубарево за сума од 2,35 милиони евра, а оваа фирма ќе изгради и улица во н. Железара за сума од 228.252 евра.
Компанијата за трговија, производство и проектирање „Пирамид Билдинг Солушнс ДООЕЛ“ од Скопје ќе врши реконструкција на неколку улици во Општина Гази Баба за кои ќе добие околу 500.000 евра.
Неговиот колега од Општина Бутел, Дарко Костовски аплицира за неколку проекти, кои беа носечки и во неговата предизборна програма како: пешачка патека покрај ново речно корито на река Серава во Радишани, мегапарк со плоштад во населба Радишани над трети влез на површина од 10.000 квадратни метри, доградување на коритото на река Серава од должина од 300 метри, изградба на атмосферска канализација на улицата Рудо, како и целосно асфалтирање на 10 поголеми и клучни сообраќајници на територија на Општина Бутел.
Најмногу од проектите ги работи Друштвото за завршни и занаетчиски работи во градежништвото „Изолација Дамјан Силјановски и др. ДОО“ од Скопје. За реконструкција на улици, крпење ударни дупки, оваа фирма од Општина Бутел ќе наплати околу 700.000 евра.
Освен оваа фирма, Општина Бутел соработува најчесто со „Димовски Пет ДООЕЛ“ од Бразда, Чучер-Сандево, која ќе гради атмосферска канализација, ќе реконструира патеки, ќе гради потпорни ѕидови и ќе го чисти речното корито на Серава за нешто помалку од 500.000 евра.
Градоначалникот Орце Ѓеоргиевски од Кисела Вода и кандидат за градоначалник на Град Скопје аплицираше да го уреди речното корито на реката Мала Рада, да ги догради училиштата „Невена Георгиева-Дуња“ и ООУ „Кирил Пејчиновиќ“, да реконструира една улица и патот кон Пеленица.
„Невена Георгиева-Дуња“ ќе го доградува градежната компанија „Изградба-Комерци ДООЕЛ експорт-импорт“ од Скопје, која го доби тендерот вреден 524.973 евра, додека тетовската фирма „Бибај Компани ДООЕЛ експорт-импорт“ го уредува речното корито на реката Мала Рада за сума од 500.874 евра.
Градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски аплицираше со проекти вредни 1,93 милиони евра: изградба на нова детска градинка во Дексион, изградба на локален пат клучка на обиколница Волково-Орман, пробивање на ул. Социјалистичка зора со Сремски фронт, реконструкција на пат до училиштето во Кучково и реконструкција на три улици во општината.
Детската градинка ќе ја гради Вардарградба за 1,3 милиони евра. Ова е истата фирма, која гради градинка и во Гази Баба.
Реконструкција на улици во општината ќе изведува „Пирамид Билдинг Солушнс“, која ќе добие 651 илјада евра.
Една од омилените фирми на ова раководство на општината е „Филип Инженеринг“ од Чучер-Сандево, која гради локален пат, продолжување на улици и реконструкција на пат до училиште во Кучково. Овие три тендери се вредни околу 500.000 евра.
Општина Аеродром, со проектите од првиот повик реконструира улици, тротоари, водоводна мрежа, доградба на мост како и надградба на основно училиште. Сите овие проекти и се доделени на компанијата „Пирамид Билдинг Солушнс“, која ќе заработи околу 2,5 милиони евра. Оваа фирма добива тендери кај сите скопски градоначалници, но најмногу во Аеродром уште од времето на Тимчо Муцунски, кој од лани е министер за надворешни работи и трговија.
Симптоматично истата фирма сега ќе ја гради натстрешницата на МНР за сума од 34 милиони денари. Оваа фирма од 2021 година досега од Општина Аеродром добила 4 милиони евра за различни услуги и проекти.
Од вкупно 10 градоначалници на ДУИ, кои аплицираа на повикот, се пофали само Висар Ганиу од Општина Чаир. Општина Чаир аплицираше за реконструкција на водоводна мрежа, фекална и атмосферска канализација во три населби и неколку улици, изградба на училиштен базен од затворен тип во Чаир. Водоводниот систем во две населби го реконструира „Нум Констракшн ЛТД дооел“ од Скопје за сума од 2,4 милиони евра, додека во месноста Саук Чешма изведувач на водоводната мрежа е „Минт Инженеринг“ од Батинци, Скопје.
КАТНИ ГАРАЖИ И ОБИКОЛНИЦИ НАДВОР ОД СКОПЈЕ
Улично осветлување, доизградба на улици, мостови или изградба на пешачки патеки, но и капела на градски гробишта. Ова се поголемиот дел од проектите што ги добија помалите општини во југоисточниот дел од Македонија.
Општина Штип доби два милиони евра за првата фаза од изградбата на градската магистрала. Проектот е веќе почнат и изведени се повеќе од 20 отсто од работите.
Најнеомилената фирма на ВМРО-ДПМНЕ од чии редови е штипскиот градоначалник Иван Јорданов, „Стентон Градба“ од Битола ги изведува работите на магистралната улица за сума од 2,3 милиони евра. Оваа фирма го гради и градскиот парк „Иднина“ за 1,92 милиони евра.
Јорданов аплицираше со уште еден голем проект во висина од 1,6 милиони евра за реставрација на Тврдината Исар.
Во Радовиш, единствениот проект со кој аплицирала општината и нејзиниот градоначалник Ацо Ристов е реконструкција со пренамена на Стоковна куќа во мултифункционален и културен центар со музејска поставка. За првата фаза од реконструкцијата е избрана фирмата ДГПТУ увоз-извоз „Битем дооел“ од Скопје, која ќе заработи околу 950 илјади евра.
Најинвентивен во првиот повик беше проектот на градоначалникот на Општина Велес, Марко Колев, кој аплицираше за подземна катна гаража и градски плоштад.
Една од најголемите градежни фирми во Велес и во регионот „Делта-Пром дооел“ од Велес го доби тендерот на Општина Велес за „партерно уредување на плоштад и изградба на подемна катна гаража фаза 1“ вреден 2,15 милиони евра. Оваа фирма не е сама, туку се работи за група понудувачи, меѓу кои е и битолската градежна компанија „Стентон Градба“, која беше жестоко критикувана од ВМРО-ДПМНЕ додека оваа партија беше во опозиција.
„Делта-Пром дооел“, само во период од една година, од октомври 2024 до октомври 2025 година добила седум тендери од Општина Велес, меѓу кои се реконструкција и уредување на плоштад населбата Којник, изградба со уредување и поплочување на просторот позади кејот на Вардар и одржување на улиците за време на зимската сезона. За сите седум тендери вкупната сума речиси 2,5 милиони евра.
Градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски, за своите проекти во првиот повик побара четири милиони евра, а меѓу нив беше санација на јужната трибина на фудбалскиот стадион „Петар Милошевски“. Општина Битола аплицираше со 16 предлог-проекти.
Аплицираните проекти се однесуваат на изградба и реконструкција на улици во должина од над 10 километри на територијата на цела општина, изградба и реконструкција на атмосферска и фекална канализациска мрежа во должина од речиси 2,5 километри, како и водоводна мрежа во должина од околу 6 километри. Проектите опфаќаат и поставување ново училишно осветлување, како и енергетски ефикасна фасада на едно основно училиште.
Фирмата, која за ВМРО-ДПМНЕ беше миленик на СДСМ, „Стентон Градба“ од Битола, ја санираше јужната трибина на фудбалскиот стадион „Петар Милошевски“ откако го доби тендерот вреден околу 750.000 евра.
Општина Кавадарци аплицираше со седум поголеми проекти во првиот јавен повик кои вклучуваа реконструкција на пристапен пат за м.в Косовец, село Ресава, реконструкција на локален пат од село Ресава до село Дабниште, реконструкција на локален пат за село Чемерско, основен проект за реконструкција на Градски базен Кавадарци, основен проект за изградба на кружен тек на Р-1107 надвор од опфат, пред влез на Кавадарци, основен проект за реконструкција на улица 8 Септември, основен проект за реконструкција на локален пат до село Долни Дисан.
Компанијата од Кавадарци, „Градба Промет“ е изведувач на сите проекти на општината финансирани со унгарски пари. Вредноста на проектите е околу 2,1 милион евра.
Општина Крива Паланка, предводена од градоначалникот Сашко Митовски кој се трка за втор мандат како кандидат на СДСМ, поднесе апликација за три прилично скапи капитални инфраструктурни проекти: катна гаража кај зелен пазар, фаза 1 – 55.000.000 денари (890.000 евра); реконструкција на централна градска улица и регулација на атмосферска канализација – 54.000.000 денари (876.000 евра) и реконструкција на постоечки пат од манастирскиот комплекс до Калин Камен – 55.000.000 денари (890.000 евра).
Катната гаража кај зелениот пазар која ќе биде монтажно-демонтажен објект ќе ја постави „Сандра Инженеринг“ од Скопје. Вредноста на договорот е 1,17 милиони евра, што е повеќе од првичната проценка од 890.000 евра.
РЕВОЛУЦИЈА СО ФЕКАЛНА КАНАЛИЗАЦИЈА
Во првиот повик, најголемата сума ја доби Општина Куманово каде што градоначалник е Максим Димитриевски, партнер на ВМРО-ДПМНЕ во Владата. Таму најголем дел од парите се трошат за индустриската зона Куманово, до која се гради водовод, фекална и атмосферска канализација, внатрешни сообраќајници и осветлување. Тоа чини 3,4 милиони евра, а изведувач е „Кооп Инженеринг“ од Куманово. Оваа фирма гради и дел од булеварот Октомвриска револуција за кој ќе заработи 437.287 евра.
Градоначалникот на Општина Прилеп, Борче Јовчески аплицираше со четири проекти кои вклучуваат кружен тек, изградба на дел од улица, реконструкција на постоечки водоводни линии во централното градско подрачје и реконструкција на дел од јавна површина со партерно уредување и поставување на урбана опрема во централното градско подрачје на Прилеп.
Кружниот тек со вредност од 2,23 милиони евра го гради градежната фирма „Топ Билд дооел експорт-импорт“ од Скопје. Делот од улицата „Победа“ ќе го реконструира „Ибо Под увоз-извоз“ од Прилеп за 660.000 евра, а омилената компанија на Курто Дудуш од Шуто Оризари ќе ги реконструира останатите улици за нешто повеќе од половина милион евра.
Билал Касами од Општина Тетово аплицираше со неколку проекти за реконструкција на доводен цевковод од Попова Шапка до резервоар до Тетово, за изградба на средно училиште и за реконструкција на неколку улици. Реконструкцијата на водоводот ја врши „Пелагонија АД“ Гостивар и тоа чини 1,06 милиони евра, училиштето го гради „Ленди Груп дооел“ од Скопје за 2,4 милиони евра, а оваа компанија реконструира и неколку тетовски улици за 468 илјади евра.
Во Охрид, Кирил Пецаков не предвиде пари за почисто езеро, туку за водоводна мрежа. Се заменува постоечката опрема на пумпната станица кај Метропол. За овој потфат е избрана фирмата „Техноскоп дооел“, која го доби тендерот од 623 илјади евра.
Текстот е објавен на 9 октомври 2025 година во неделникот „Фокус“, во бројот 1.566.