Потврдени се вкупно 44 случаи со западно нилска треска досега, од кои 43 се хоспитализирани, а поголем дел од нив со невро инвазивна форма на болеста, изјави денеска министерот за здравство Сашо Клековски, кој ги посети Клиниката за инфективни болести и Институтот за јавно здравје, каде се сретна со медицинскиот персонал вклучен во справувањето со епидемијата од западно нилска треска.
Тој упати апел до граѓаните – доколку забележат симптоми како: висока температура, вкочанет врат, дезориентација, слабост или грчеви — веднаш да се јават кај својот матичен лекар.
Инаку, од почетокот на епидемијата досега 21 пациент е отпуштен од болница и упатен на домашно лекување, уште четворица пациенти денес се отпуштаат, а вкупно пет лица се починати, информира Министерството за здравство.
– Системот е подготвен и здравствените работници ја имаат нашата целосна поддршка во справувањето со западно нилската треска како јавно здравствен предизвик. При денешната посета на овие установи направив увид во капацитетите со кои располагаат од аспект на капацитети за хоспитализација, кадровска опременост, како и лабораториските реагенси за испитување, додаде Клековски.