Ќерката на Југослав Николовски: Обвинетиот го прикажува смртното прегазување на мојот татко како несреќен случај

by irena 13:44
13:44

По завршувањето на денешното рочиште во Основниот кривичен суд – Скопје за случајот во кој беше смртно прегазен 68-годишниот Југослав Николовски, неговата ќерка Маја Бошковска, изјави дека семејството очекува висока и правична казна за обвинетиот Фатон Љури кој на 1 јули годинава управувајќи мотор „Кавасаки“ без возачка дозвола по пешачката патека на кејот на Вардар го прегазил Николовски и го напуштил местото на несреќата.

Бошковска истакна дека трагедијата не може да се смета за обичен секојдневен случај и дека семејството и жителите на тој дел од градот не се чувствуваат безбедно, бидејќи, како што рече, нејзиниот татко бил прегазен на „два чекори од нивниот дом“.

–Би сакала повторно да потенцирам дека ова прегазување не е еден обичен секојдневен случај. Се работи за смртно прегазување на мојот татко на пешачка патека, која што се наоѓа пред нашиот дом на живеење, на два чекори од нашиот дом. Таму постојано има деца, родители, значи нема кој нема поминато на тоа место во градот. Не се чувствуваме безбедно едноставно, рече Бошковска.​

Додаде дека обвинетиот се обидува да го прикаже настанот како несреќен случај, но, според неа, тоа не може да се оправда, бидејќи, како што нагласи, обвинетиот Љури возел мотор „Кавасаки“ без возачка дозвола и без кацига, а по несреќата два дена бил во бегство.

–Обвинетиот вели дека ова е несреќен случај, дека на секој може да му се случи. Не, не може секому да му се случи ако свесно застанеш на таа патека. Тој вози огромен мотор „Кавасаки“ од 1.000 кубици, без возачка дозвола, без кацига и го нема два дена, рече Бошковска.​

Во завршниот дел од изјавата, Бошковска изрази надеж дека судот ќе донесе најстрога пресуда и дека правдата ќе биде задоволена. –Очекуваме дека пресудата ќе биде на највисоко ниво и остра. Се надеваме дека ќе има правда, истакна Бошковска.

На денешното судско рочиште беа дадени завршни зборови на одбраната и обвинителството, со што заврши судскиот процес против Љури.

Пресудата, ќе биде објавена на 29 декември оваа година.

Слични вести