Како лошиот надзор на „Бехтел и Енка“ одеднаш стана добар за власта? Фирма под истрага го доби тендерот за да го надгледува проектот „Градски воз“!

by irena 09:40
09:40

Јавното претпријатие за железничка инфраструктура „Железници на Република Северна Македонија – Скопје“ го избра надзорот на изведбата на градежните работи за санација на делниците по кои ќе се движи градскиот воз. На тендерската постапка за надзор на изведба на градежни работи за санација на делници на кој како критериум за доделување договор беше најдобриот однос меѓу цената и квалитетот, учествуваше само една компанија, која понуди единствена цена од 2,9 милиони денари без ДДВ. Се работи за компанијата ИРД инженеринг од Италија, која врши надзор врз градбата на автопатиштата што ги гради „Бехтел и Енка“.

Текстот е објавен на 2 октомври 2025 година во неделникот „Фокус“, во бројот 1.565.

Пишува: Орце КОСТОВ

До крајот на годинава или на почетокот на следната година, дел од граѓаните во Скопје и околните населби треба да ги почувствуваат првите придобивки од проектот Градски воз кој го реализира Министерството за транспорт и врски.

Тоа беше едно од првите ветувања на новата влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ, со кое треба да се реши проблемот со градскиот превоз во Скопје.

Есенва треба да стартуваат градежните работи за првиот дел од проектот за воведување Градски воз во Скопје, за кој МЖ Инфраструктура по изработката на физибилити студијата подготви документација за тендерот.

Во најскоро време, изведувачот треба да ги почне работите за првата линија од овој проект. Првата линија ќе биде од Зелениково, преку Драчево, Аеродром и Кисела Вода, сè до Железничката станица – Скопје.

Реализацијата на проектот Градски воз ќе се одвива во три дела. Градежните работи на првиот дел од Зелениково до Скопје ќе опфатат изградба на нови стојалишта, сѐ со цел граѓаните да имаат подобар пристап до превозот со воз, кој ќе им го олесни движењето од нивното населено место до Скопје.

МИНИСТЕРОТ НИКОЛОВСКИ ОПТИМИСТ

Министерот за транспорт и врски, Александар Николоски објасни како ќе функционираат линиите.

– За ставање во функција на првата линија на градскиот воз, која ќе оди од Зелениково, преку Драчево, Ново Лисиче, Кисела Вода, Аеродром и ќе завршува на новата железничка станица, а веќе во втората фаза, следната година ќе ги градиме и другите две линии, што значи веќе оваа година ние ќе имаме функционален градски воз на една третина од Скопје, а на две третини ќе работиме во следната година, кои потоа ќе ги спојуваме со автобусите на ЈСП, рече Александар Николоски во интервју за „Клик плус“ на ТВ21.

Николоски, во едно од претходните интервјуа, објави дека се работи за голема инвестиција од вкупно педесетина милиони евра за трите градски линии.

– За да се реализира целиот прстен како што е замислен, со три полукруга, потребни се околу педесет милиони евра. Дел од тие средства се обезбедени во буџетот за оваа година и ЈП „Железници инфраструктура“ наскоро, за еден месец, ќе објави тендер за изградба и рехабилитација на најголемиот дел од инфраструктурата што ќе се користи. Тоа ќе биде линијата од Зелениково, преку населбата Драчево, границата е поставена кон населбите Аеродром и Кисела Вода и завршува на Новата железничка станица. Очекуваме до крајот на годинава да биде готова, имаме многу брза агенда и првата делница Зелениково – Драчево – Аеродром – Кисела Вода – Железничка Скопје да ја имаме пред Нова година. Паралелно, ќе ги работиме и другите два прстена, рече Николоски.

Директорот на Јавното претпријатие МЖ Инфраструктура, Синиша Ивановски неодамна рече дека не може да каже дали ќе има исплатливост за државните компании затоа што треба да се земат предвид, не само трошоците за одржување на пругата  што е во домен на МЖ Инфраструктура, туку дека тоа ќе зависи и од бројот на возови и патници, за што е надлежен МЖ Транспорт.

Сепак, Ивановски очекува дека градскиот воз ќе биде исплатлив, како за двете претпријатија, така и за граѓаните што ќе го користат овој олеснителен превоз.

Официјалните податоци покажуваат дека во патничкиот сообраќај, во државава, во првите три месеци се реализирани 191,68 илјади возни километри, за 65,5 проценти повеќе споредено со истиот период лани. Тоа, според Извештајот за работењето на МЖ Инфраструктура, за првиот квартал годинава, се должи на воведување во сообраќај на патнички возови на релацијата Скопје – Куманово – Скопје.

Патничкиот сообраќај во првиот квартал се одвивал со 1.668 воза, што е за 65 проценти повеќе во однос на лани. Во однос на Планот за 2025 година, реализирани се 20,8 проценти возни километри. Во товарниот сообраќај, пак, сообраќале 587 воза, за 14,3 проценти помалку споредено со истиот период од 2024 година. Реализирани се 69,12 илјади возни километри, за 8,6 километри помалку, во споредба со истиот период лани, како резултат на намалениот обем во товарниот меѓународен и внатрешен сообраќај од хаваријата во Грција.

ИЗБРАН НАДЗОР, СЕ ЧЕКА ИЗВЕДУВАЧ

Градежните работи што ќе се одвиваат оваа година се финансираат од буџетот на Владата преку Министерството за транспорт. Врз основа на податоците дадени во физибилити студијата, МЖ инфраструктура изготви тендерска документација и во месец август објави тендер за реконструкција на првиот дел од проектот Градски воз.

Претходно, Јавното претпријатие за железничка инфраструктура Железници на Република Северна Македонија – Скопје го избра надзорот на изведбата на градежните работи за санација на делниците по кои ќе се движи Градскиот воз.

На тендерската постапка за „Надзор на изведба на градежни работи за санација на делници“, на кој како критериум за доделување договор беше најдобриот однос меѓу цената и квалитетот, учествуваше само една компанија, која понуди единствена цена од 2,9 милиони денари без ДДВ.

Се работи за компанијата ИРД инженеринг од Италија, која врши надзор врз градбата на автопатиштата што ги гради „Бехтел и Енка“.

Договорот помеѓу ЈПЖИ Железници на РСМ и ИРД Енгинееринг С.р.л Рим Италија ИРД Енгинееринг Подружница во Скопје е склучен на 19 септември 2025 година.

Проценетата вредност на набавката со ДДВ изнесува 3.540.000 денари, а вредност на склучениот договор со вклучен ДДВ изнесува 3.422.000 денари.

Надзорот опфаќа надгледување на изведбата на „уредување на осовина и нивелета на пругата ТЦ Скопје – Зелениково“ и „уредување на осовина и нивелета на пругата станица Илинден – станица Драчево“.

Ова е истата компанија за вршење надзор на изградбата на автопатиштата на Коридор 8 и Коридор 10, а против која владата на ВМРО-ДПМНЕ отвори фронт уште додека сегашните министери беа во опозиција.

Вицепремиерот и министер за транспорт, Николоски, точно пред една година директно ја обвини компанијата ИРД инженеринг дека била „лош надзор“ над изградбата на автопатиштата од коридорите 8 и 10-д од страна на „Бехтел и Енка“, проект кој ќе чини најмалку 1,3 милијарди евра.

Го потсети и обвинителството дека имаат отворено предмет за начинот на изборот на фирмата за консултант и надзор над „Бехтел и Енка“.

Во една од своите истражувачки стории, „360 Степени“ откри дека зад надзорот стојат, пред сè, домашни фирми како подизведувачи, од кои компанијата со најголем број инженери „Електра солушнс“, до неодамна била фирма за шиење долна облека. Потоа, голем број од ангажираните инженери со име и презиме, кои се услов во тендерот, се испостави дека се „позајмени“ и/или веќе ангажирани на други проекти, а добитничкиот конзорциум гарантирал дека ќе бидат постојано присутни на терен. Поединечните трошоци за некои од тие експерти одеа и до сума од 300. 000 евра.

Домашната фирма „Електра солушнс“, која досега не работела надзор, туку главна дејност ѝ била производство на долна облека, добила најголем дел од 22,3-милионскиот тендер за надзор на автопатиштата, кои ќе ги гради „Бехтел и Енка“, објави „360 Степени“.

Фирмата „Електра солушнс“ добила 8,3 милиони евра, додека „Евро консалтинг“ на Бранислав Димитријевиќ, за кого има обвинение во Ерменија, 7,1 милиони евра од тендерот.

Од останатите пари, 4,1 милиони евра одат кај „ИРД Инженеринг “од Италија, додека услугите на локалната канцеларија на „ИРД“ во Скопје ќе чинат околу 2,4 милиони евра. За последниот партнер во конзорциумот, шпанско-кинеска „Ептиса“ се предвидени 400.000 евра.

НИКОЛОВСКИ: СЀ УШТЕ СТОЈАМ ЗАД КАЖАНОТО

Фирмата „ИРД инженеринг“, која минатата влада ја претстави како италијанска фирма со огромно искуство во надзорот на големи проекти, не беше избрана во договор во четири очи, туку на јавен повик за избор на надзор. Успеаја да победат во конзорциум со неколку домашни фирми против светски реномирани фирми, но само откако првиот тендер за истата работа пропадна бидејќи се покажа дека првично избраната фирма има сомнителни капитални врски со Русија.

Во интервјуто за „Фокус“ од август 2024 година,   вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски потсети дека мора да се истражи како конзорциумот на „ИРД инженеринг“, во кој е и „Електра солушнс“, го доби тендерот за надзор во конкуренција на фирми за надзор од САД и од Франција.

„Сѐ уште стојам зад тоа што го зборував во опозиција дека има многу лош надзор. Надзорот треба да биде заштита на државата, но не е никаква заштита. Носител на надзорот е компанијата ИРД. Ве повикувам вас, како истражувачко новинарство да ја проверите. Зошто? Се работи за компанија, која номинално е од Италија, но во Италија има нула евра обрт, односно не работи ништо во Италија. Најголем дел од обртот ѝ е во Македонија и во Молдавија. И, случајно, директор во Македонија на таа компанија е поранешен вработен во моето Министерство, што ќе се согласите дека во најмала рака е судир на интереси. Тоа е компанија што наплаќа 30.000 евра по месец за експерт, 25.000 евра по месец за експерт. И, исто така, интересно е, овој предмет е во Обвинителството и се истражува, како тоа победи компанија од Италија, која во Италија не работи ништо, а не победи американската компанија „Хил“, која е број 1 за надзор во САД, или француската компанија „Ежис“, која, пак, е број 1 за надзор во Франција? Тие 3 понуди беа вкупно и внимавајте – француската компанија имала за 6 милиони евра поевтина понуда“, вели Николоски за „Фокус“.

Николоски го прошири „обвинението“ за „ИРД инженеринг“ и на други проекти. Прашан дали фирмата е параван зад кој стои капитал од трета земја, тој за „Фокус“ вели:

„Тоа треба да го провери Обвинителството, но јас како претставник на државата не сум задоволен што надзорот работи за нас. Еве, ќе отворам уште една работа. Истата оваа ИРД има добиено преку Светска банка средства за изградба на т.н. мултимодуларен комплекс кај Трубарево, каде што се спојуваат двете железници на коридорите 8 и 10-д. Само за да изработат физибилити студија и идејно решение како тоа да изгледа во иднина, а се сведува на предлог да се потпише јавно-приватно партнерство, што во Македонија е автопат за злоупотреба на службената положба и овластување, добиваат некаде 800.000 евра. Ова се бројни прашања околу оваа компанија, кои сметам дека треба да се отворат во јавноста“, изјави Николоски.

„Фокус“ го праша министерот Николоски како тогаш очекува да се однесува ИРД инженеринг во однос на договорот за надзор врз изведбата и санацијата на делницата за Градски воз, со оглед на претходните критики за сомнителниот избор на компанијата и нејзината работа?

„Ве информираме дека јавната постапка ја водеше МЖ Инфраструктура и изборот на компанијата е направен од страна на МЖ инфраструктура, а не е од Министерството за транспорт.

Во однос на ИРД и надзорот за автопатиштата и како беа избрани моите ставови за компаниите поврзани со Сотир Ампов и неговото семејство, пред сѐ, „Институт за патишта“ и „Електра солушн“ останувам на моите ставови и очекувам Обвинителството конечно да ја заврши истрагата. Овие две компании се во конзорциум со ИРД. Очекувам да постапи Обвинителството“, истакна министерот Николоски за „Фокус“.

Ова не се први критики од актуелната власт на сметка на „ИРД инженеринг“. Но, и покрај тоа, компанијата останува надзор во сите проекти во кои е ангажирана од страна на државата.

ПОЗИТИВНИ РЕАКЦИИ

Идејата за градски воз во Скопје, чија реализација ја планира владата, наиде на позитивни реакции. Скопјани сметаат дека воведувањето градски воз би можело да влијае врз намалувањето на сообраќајниот метеж и на загадувањето.

И групата велосипедисти од „На точак“, која правеше таков експеримент пред извесно време, вели дека дополнителна придобивка е што се планира вклучување во постојниот јавен превоз, нешто што беше барано при планирање на скопскиот „бас рапид транзит“.

„При нашиот експеримент за градски воз од Лисиче до Ѓорче, увидовме дека не се пристапни станиците за лицата што се движат на тркала, лошо се означени и најчесто се надвор од патот. И најважно од сè, очекуваме да се планира простор за паркирање на велосипедите и на станиците и во возовите, како и станици за изнајмување велосипеди во нивна непосредна близина“, велат од „На точак“ за „Вечер“.

Тие нагласуваат дека овој градски воз би бил едно од ретките превозни средства во Скопје што се целосно издвоени од сообраќајниот метеж, кој го создаваат автомобилите на коловозите, а потенцијално единствено превозно средство со голем капацитет на кое може да се потпре патникот при планирање на својата маршрута. Тие сметаат дека позитивна работа со градскиот воз на постојната железничка мрежа се неговата брзина и временската сигурност, но забележуваат дека станиците речиси секогаш се во ретко населени места и оти е потребно и второ превозно средство за стигнување до конечната дестинација.

БРТ СЕ ВРАЌА ВО ИГРА

Дали Градскиот воз ќе го растовари преоптоварениот сообраќај во Скопје? Без нови автобуси и попрактични градски автобуски линии е многу тешко да се одговори на ова прашање.

Според владата, градскиот воз, замената на автобусите со еколошки и трамвај, се проекти кои му се неопходни на главниот град за значително подобрување на состојбата со загадувањето на воздухот.

Владата, во април годинава донесе одлука за набавка на 120 екоавтобуси, од кои 80 ќе бидат дадени на ЈСП „Скопје“, а останатите 40 ќе бидат распределени по други градови, откако Советот на Град Скопје и по повеќе обиди, не избоксува одлука за воведување на Брз автобуски превоз (БРТ) и за набавка на екоавтобуси, со цел да се реши сообраќајниот хаос во градот, но и да се намали енормното загадување.

Во изминативе три децении имаше различни иницијативи и најави за трамвај, но ниту една не беше блиску до реализација. Коце Трајановски и Трифун Костовски, како поранешни градоначалници, најавуваа идеи и студии за изградбата на шинскиот превоз, а на крајот на декември 2018 година, идејата беше актуализирана и од поранешниот градоначалник на Скопје, Петре Шилегов. Тогашните проценки беа дека изградбата би чинела од 130 до 150 милиони евра.

ВМРО-ДПМНЕ не се откажува од БРТ во Скопје, иако беа обезбедени европски пари за него и веќе годинава Скопје требаше да биде налик европска метропола. Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека наеднаш се премислил за ова решение и дека со мали измени ќе го имплементира, односно ќе го поддржи.

Измените се во насока дека источнo-западната траса, првично планирана до Ѓорче Петров, ќе се продолжи најмалку до Сарај, а паралелно ќе се развива и линија север-југ што би ги поврзала Бутел со Кисела Вода и Драчево. Тој најави рестартирање на разговорите со европски финансиски институции и усогласување на техничкото решение со кредиторот, со цел теренските активности да почнат во 2026–2027 година.

Во контекст, БРТ беше промовиран во мандатот на поранешниот градоначалник Шилегов, како дел од EBRD „Green Cities“, со предвиден суверен заем до 70 милиони евра за две линии, набавка на возен парк, систем за билети и депо. Проектната документација и уредувањето на посебни ленти беа планирани во фази по две рути (40+30 милиони евра). Поранешни одлуки на Град Скопје и буџетски ребаланс во 2022 ја запреа реализацијата, по што средствата беа повлечени, а иднината на моделот остана отворена.

Слични вести