Како изгледаше Водно пред бетонската експанзија?

by irena 13:22
13:22

Од вчера, делови од Клиничкиот центар и објекти на улиците „Партение Зографски“ и „Белградска“ повторно се под непосредна опасност. Земјиштето на падините на Водно повторно се лизга – уште едно предупредување дека планината која некогаш била мирно село, денес е притисната, оптоварена и ранета од урбанизацијата.

Според историските записи, Горно и Долно Водно кон крајот на XIX век броеле нешто над 250 македонски жители. Шумата, терасестите ниви и малите куќи биле природниот амбиент, а планината претставувала природен штит на Скопје.

На етнографските карти од 1920-тите, Водно е прикажано како комплетно македонско село – просторно, зелено и јасно одвоено од урбаното јадро. Но со брзата урбанизација во втората половина на XX век, двете села се спојуваат и се претвораат во нов урбан појас кој постепено го „јаде“ планинскиот простор.

Денес, Водно е високоурбанизирана, густо населена и елитна населба со повеќе од 500 домаќинства. Она што некогаш било зелена падина, сега е бетонски амфитеатар.

Предупредувањата постојат со години

Ова не е првпат земјата да се лизга. Уште од 1970-тите, старите урбанистички одлуки јасно забранувале градење во парк-шумата, токму поради ризик од порои, ерозии и свлечишта. Но со текот на годините, забраните почнаа да се игнорираат – на делови од заштитената зона никнаа цели населби, бетонски комплекси и патишта.

Екологистите со години алармираат: масовната сеча, расчистувањето терени за градба и големите инфраструктурни интервенции ја прават планината нестабилна.
„Водно може да го нападне и градот“, предупредуваат, потсетувајќи на поплавата од 1951 година.

Новиот случај – повторна опасност од свлечиште

Сега ситуацијата е повторно критична. На вчерашниот координативен состанок меѓу Општина Центар, ЦУК, ДЗС, ИЗИИС, Град Скопје и други институции, било утврдено дека веднаш мора да се стабилизира теренот.

Стручните служби сметаат дека е неопходен потпорен ѕид и регулирање на атмосферските води – но локацијата е на приватен имот. Тоа значи дека без одлука на Владата, ни Општина Центар ни друга институција не смее да интервенира, иако опасноста е реална и непосредна.

Сличен проблем се јави и минатата година, кога на 10 јуни се урна дел од потпорниот ѕид на „Белградска“. Ниту тој ѕид не е саниран.

Коренот на проблемот: урбанизација под маска на „заштита“

Иако Водно формално е парк-шума, последните студии и планови за негово „зонирање“ отвораат врата за нови градби. Според еколошките иницијативи, 40% од заштитената зона би можело да се гради доколку се прифати предлогот Водно да биде прогласено за заштитено подрачје од категорија 5 – најниската форма на заштита, без реални забрани за градба.

„Ова е узурпација под плаштот на заштита“, велат „Го Сакам Водно“ и „О2 Иницијатива“, предупредувајќи дека вистинската цел треба да биде lex specialis закон кој ќе ја штити планината од порои, поплави, ерозии, свлечишта и урбанистичко дивеење.

Водно не е само парк-шумата што му дава воздух на Скопје. Тоа е природен бедем кој ја штити долината. Секоја отсечена површина, секој бетонски објект, секоја интервенција во почвата ја зголемува опасноста од токму тоа што го гледаме деновиве: свлечишта кои се закануваат на болници, домови и инфраструктура.

Планината одамна предупредува. Прашањето е – дали институциите и општеството конечно ќе го слушнат нејзиниот глас?

Слични вести