Како ДУИ ќе се бори против законот за правична застапеност, дали во игра е и физичкиот отпор заговаран од Османи?

Предлог-законот за правична и соодветна застапеност беше на дневен ред во второ читање на денешната собраниска седница која продолжува утре, кога можно е да се отвори расправа за законското решение што предизвика тензии во албанскиот политички блок. Имено, потпретседателот на ДУИ Бујар Османи неодамна порача дека пратениците треба да најдат начин да го спречат донесувањето на овој закон, па дури и да применат физичка сила ако тоа е неопходно. Сепак, денес ниту Османи ниту од пратеничката група на ДУИ не откриваат каква ќе биде нивната стратегија против овој закон, односно дали се разгледува и физичкиот отпор како опција?

by vlatko 19:34
19:34

Предлог-законот за правична и соодветна застапеност беше ставен на дневен ред на денешната 111-та собраниска седница, меѓутоа не дојде на ред да се отвори расправа за ова законско решение, кое во изминатиот период предизвика силна поларизација пред се во албанскиот политички блок.

Имено, по укинувањето на „балансерот“, актуелната Влада на ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН отпочна процес за изготвување на законско решение за дефинирање на одредени правила во однос на правичната и соодветната застапеност, што претставува уставен принцип, меѓутоа тоа предизвика жестоки реакции од албанската опозиција предводена од ДУИ.

Во таа насока, најсилни критики кон ова законско решение упатуваше потпретседателот на ДУИ и поранешен вицепремиер и министер, Бујар Османи, кој во една прилика дури изјави дека пратениците на ДУИ мора да најдат начин да го спречат донесувањето на овој закон, па дури, ако е неопходно, да применат физичка сила.

– Направена е таква пропаганда, негативна кампања на „балансерот“, фокусирајќи се на некои недостатоци, како злоупотребата на етничката припадност на граѓаните при вработувањата. Тоа се минорни, периферни девијации на самиот механизам. На пример, од 20.000 вработувања имало 100 или 200. Вие ако имате проблем, го коригирате дефектот, а не го вадите механизмот. Сега механизмот е анулиран.

Тој закон (за правична и соодветна застапеност) е за да се легализира исклучувањето. Буквално начин на легализирање на исклучувањето и јас сум рекол ние тој закон треба да дадеме и физички отпор во Собрание да не помине. Тој закон го враќа југословенскиот модел на одлучување во администрацијата, каде под подвезок на некаква си меритократија или компетентност се исклучуваа – рече неодамна Османи.

Со оглед дека овој предлог закон веќе се наоѓа во второ читање на собраниска седница која почна денес и продолжува веќе утре, го прашавме Османи дали уште стои на ставот дека мора да се спречи усвојувањето на овој закон, макар и ако тоа подразбира физички да се интервенира? Во однос на тоа, тој само кусо ни рече дека мисли оти изјава ќе имаат пратениците на оваа тема.

Воедно, се обративме и до координаторката на пратеничката група на ДУИ Рина Ајдари, со прашање каква ке биде нивната стратегија во врска со предлог-законот за правична застапеност, односно дали се разгледувала и дали постои како опција физичкиот отпор што го заговараше Османи? Меѓутоа, не добивме никаков одговор.

Кога, пак, вчера ја прашавме пратеничката на ДУИ Арбана Пашоли во врска инцидентот со новиот министер за локална самоуправа Иван Стоиљковиќ, таа ни изјави дека не сака со дополнителни коментари да отвора простор за нови полемики и да ги продлабочува тензиите, туку, како што рече, фокусот треба да биде на прашања од интерес за граѓаните, а во тој контекст го спомена предлог-законот за правична застапеност.

–Верувам дека вниманието треба да биде насочено кон институционалната работа и прашањата што се од интерес за граѓаните. Денес во Собранието продолживме со амандманската расправа за ребалансот на Буџетот, а утре на дневен ред е Предлог-законот за правична застапеност. Мојот фокус е насочен кон овие прашања – рече Пашоли.

Стоиљковиќ влегол во расправија и со Арбана Пашоли, за влакно бил избегнат поголем инцидент!

Сепак, засега е се уште нејасно и неизвесно каков отпор ќе даде ДУИ кон овој предлог-закон, односно дали ќе применат тактика на долги говори со тешки критики и чести реплики и контрареплики, или, пак, подготвени се и на порадикално сценарио, од типот на физичкиот отпор што го заговараше Османи, кој веројатно треба да се манифестира преку физичко оневозможување на нормалниот тек на седницата?

Кога пораките за физички отпор кон ова законско решение беа изнесени во јавноста, во ситуација кога „филибастерингот“ веќе е невозможен со актуелниот Деловник, од власта реагираа дека изјавите на Османи се дел од политичкиот фолклор и воедно порачаа дека законот за правична застапеност е дел од владиниот коалициски договор и тој наскоро ќе биде усвоен.

– Тоа е закон што е одобрен од Венецијанската комисија дека ги исполнува сите меѓународни услови. Инаку, за дел од содржината на неговата изјава (на Османи), јас немам што да кажам. Претпоставувам дека тоа е тој фолклор што ќе го слушаме во периодот што следува. Ние имаме меѓукоалициски договор, законот е испратен во Собранието и очекувам што побргу да се усвои – рече премиерот Христијан Мицкоски.

Притоа, и претседателката на државата, Гордана Сиљановска-Давкова, изјави дека укинувањето на претходната алатка „балансер“, која сега треба да ја замени новото законско решение, било неопходно поради, како што истакна, коруптивните ризици што ги создавал. Според неа, „балансер“ во формата во која постоеше, суштински водел кон корупција и криминализација.

–Не мислам дека воопшто станува збор за уривање, бидејќи „балансерот“, таков каков што беше, суштински водеше кон корупција и кон криминализација. Назначувањето на највисоките позиции беше лоцирано во рацете на поединци и тие стекнуваа енормна, речиси султанска моќ. Не го укинавме „балансерот“ затоа што така сакавме, туку затоа што тоа беше наведено во извештајот – рече Сиљановска-Давкова.

Дополнително, првиот вицепремиер Беким Сали изјави дека со овој закон се поставуваат темелите на професионална, транспарентна, модерна и силна мултиетничка администрација. Според Сали, со новиот закон посебно внимание се посветува на подобрување на застапеноста на граѓаните кои им припаѓаат на заедниците што се застапени во органите на државната власт и другите институции од јавниот сектор.

– Квалификациите, стручноста и компетентноста, според законското решение, претставуваат примарен критериум, а припадноста кон подзастапена заедница може да се земе предвид само како секундарен критериум, во случај на еднакви квалификации и компетентност на кандидатите. Ова е начинот на кој се зајакнува довербата меѓу граѓаните и меѓу заедниците. И ова е начинот на кој се зајакнува самата држава – рече тој.

Покрај останатото, со ова законското решение е предвидено при вработување во администрацијата граѓаните доброволно да се изјаснуваат за етничката припадност, но може и да не се изјаснат на која заедница и припаѓаат. А, за да се спречи злоупотреба од арбитрарно изјаснување, се земаат личните документи на граѓаните, односно личното име запишано во лична карта или во друга јавна исправа издадена од надлежен орган.

Ако се утврди злоупотреба, пак, кандидатот ќе биде одбиен за тој оглас и не ќе може да се пријави на оглас во следните три месеци. Патем, се предвидува и дека, доколку двајца кандидати од различни етникуми конкурирале и имаат еднакви квалификации, предност ќе има кандидатот од етникумот кој не е или е минимално застапен во одредена институција.

Инаку, посебно координативното тело го следи и го оценува спроведувањето на правата на граѓаните што им припаѓаат на сите заедници, како и состојбата на меѓуетничките односи во јавниот сектор. На барање на ова тело, сите надлежни органи се должни во рок од 30 дена од приемот на барањето да достават податоци и информации поврзани со состојбата со застапеноста на граѓаните кои припаѓаат на сите заедници.

Еден од експертите што беше дел од работната група што го изработуваше ова законско решение, кој учествуваше и на неодамнешната јавна расправата во рамки на парламентот, беше универзитетскиот професор Јетон Шасивари, кој за време на последната владина реконструкција беше избран за нов министер за правда.

–Законот им гарантира на кандидатите од сите етникуми еднаквост при вработувањата во администрацијата, гарантира и социјална кохезија и зачувување на професионалноста на јавната администрација. „Балансерот“ беше критикуван од Европската комисија и укинат од Уставниот суд, бидејќи беше злоупотребуван и беше погрешна алатка. Законот го гарантира правото на секој дали ќе се изјасни за својот етникум, но личната карта ќе биде индикатор за превенција од можна злоупотреба при вработувањето – рече тој.

Шасивари му бил советник на Талат Џафери: Што открива биографијата на новиот министер за правда?

Според одлуката на Комитетот за односи меѓу заедниците донесена минатиот месец, за донесување на овој закон е потребно и мнозинство од припадниците на заедниците, но не мнозинство од вкупниот број на пратеници од редовите на заедниците (голем Бадентер), туку мнозинство од присутните пратеници од редовите на „помалите“ етнички заедници (мал Бадентер).

Влатко СТОЈАНОВСКИ

Слични вести