Шасивари му бил советник на Талат Џафери: Што открива биографијата на новиот министер за правда?

Универзитетскиот професор Јетон Шасивари, кој е предлог за нов министер за правда, бил заменик-претседател на Одборот за акредитација и евалуација на високото образование во периодот од 2015 до 2019 година, а од 2019 година е предавач на Академијата за судии и обвинители. Покрај тоа, во неговата официјална биографија стои дека во 2020 година бил поканет од тогашниот претседател Стево Пендаровски за стручно мислење во врска со прогласувањето на вонредна состојба поради ковид-пандемијата, како и дека бил надворешен советник на претседателот на Собранието во рамки на дијалогот „Жан Моне“ за подготовка на нов Деловник во периодот 2021-2023, кога всушност собраниски спикер беше Талат Џафери. По политичките промени во 2024 година, пак, тој стана дел од работната група за подготовка на Закон за правична и соодветна застапеност.

by vlatko 14:02
14:02

На 112-тата собраниска седница закажана за 13 јули, пратениците треба да расправаат и да се изјаснат околу најновите промени во владиниот кабинет, договорени од страна на владините коалициски партнери – ВМРО-ДПМНЕ, ВЛЕН и ЗНАМ.

Притоа, една од најголемите и најзначајни промени што треба да случи во рамки на оваа владина реконструкција е изборот на нов министер за правда на местото на Игор Филков од ЗНАМ.

Имено, на чело на овој сензитивен ресор ќе застане универзитетскиот професор Јетон Шасивари, кој ВЛЕН го предлага како надворешен експерт, а не како како тврдо партиско решение.

Во биографијата на Шасивари што премиерот Христијан Мицкоски ја доставил до пратениците, стои дека тој е редовен професор по уставно право и дека од 2002 година е дел од Универзитетот на Југоисточна Европа во Тетово.

Меѓу другото, биографијата открива дека тој бил заменик-претседател на Одборот за акредитација и евалуација на високото образование во периодот од 2015 до 2019 година, а од 2019 година е предавач по уставно право на Академијата за судии и обвинители.

Покрај тоа, се наведува дека Шасивари во 2020 година бил дел од групата експерти поканети од страна на претседателот (Стево Пендаровски) за стручно мислење и консултација во врска со прогласувањето на вонредна состојба поради ковид-пандемијата.

Исто така, официјално е нотирано дека тој бил и надворешен советник на претседателот на Собранието во рамки на дијалогот „Жан Моне“ за подготовка на нов Деловник во периодот 2021-2023, кога всушност собраниски спикер беше Талат Џафери од ДУИ.

Освен што посочил и други општествено-академски ангажмани, Шасивари во последниот период, откако дојде до промена на власта во 2024 година, во јавноста беше актуелен во контекст на процесот на носење Закон за соодветна и правична застапеност по укинувањето на балансерот.

–Овој закон го унапредува спроведувањето на уставниот принцип на соодветна и правична застапеност, односно од едно рамниште кое е повеќе политичко, го унапредува на уставно и правно рамниште, со механизам за спроведување, со одредени принципи во рамките на законот и со одредени законски рокови.

 

Сега станува збор за извршен правен инструмент, бидејќи тоа ќе биде координативно тело, кое ќе функционира во рамки на владата. Владата е носител на извршната власт, таа ја поставува политиката за спроведување на законите и таа е одговорна за спроведување на законите.

 

Фактот што тоа координативно тело ќе функционира во рамки на извршната власт е гаранција дека политиката за спроведување на законите таа ќе биде спроведувана од владата и другите институции од јавниот сектор – изјави Шасивари ланската 2025 година во интервју за ТВ Алсат.

Впрочем, тој беше дел од работната група што го изработуваше ова законско решение и учествуваше во неодамнешната јавна расправата во рамки на парламентот, кој наскоро треба да одлучува за овој Предлог-закон што наидува на жестоки критики и отпор кај албанската опозиција.

–Законот им гарантира на кандидатите од сите етникуми еднаквост при вработувањата во администрацијата, гарантира и социјална кохезија и зачувување на професионалноста на јавната администрација.

 

Балансерот беше критикуван од Европската комисија и укинат од Уставниот суд, бидејќи беше злоупотребуван и беше погрешна алатка. Законот го гарантира правото на секој дали ќе се изјасни за својот етникум.

 

Тоа е лично чувство и не може да биде наметнато од државата. Изјаснувањето на етникумот останува слободно, но личната карта ќе биде индикатор за превенција од можна злоупотреба при вработувањето – рече тој на јавната расправа во Законодавниот дом.

Освен Шасивари, нови членови на владиниот кабинет ќе бидат и Агон Ферати (односи меѓу заедниците), Борче Серафимовски (земјоделство), Сашо Клековски (здравство), Ѓоко Велковски (социјала), Иван Стоиљковиќ (локална самоуправа), Седат Сулејмани (култура).

Од шеф на кабинет на Тачи и потпретседател на Села, до министер на ВЛЕН за односи меѓу заедниците – кој е Агон Ферати?

Влатко Стојановски

Слични вести