Министерката за образование и наука Весна Јаневска порача дека предложениот закон за високо образование нема да биде повлечен, и покрај барањата од дел од професорите и опозицијата. Според неа, документот е во завршна фаза на подготовка и наскоро ќе биде испратен во владина постапка.
Јаневска информираше дека работната група која го подготвува законот ќе одржи уште една средба, по што текстот ќе биде финализиран. Таа додаде дека дел од забелешките доставени од академската јавност се прифатени и веќе се вметнати во новата верзија на законот.
Министерката упати и порака до професорите кои бараат повлекување на законското решение.
„Мала група професори бараат повлекување на законот, најверојатно од страв дека во иднина нема да можат да ги исполнат условите. Имаат две можности – или сериозно да се посветат на работата, или да останат подолго во истото звање додека не ги исполнат критериумите“, изјави Јаневска.
Според неа, предложените измени имаат цел да го подобрат квалитетот на високото образование и да ги доближат македонските универзитети до меѓународните стандарди, со амбиција во иднина да се појават и на Шангајската листа на универзитети.