Јаневска: Многу е комплицирана ситуацијата со Филолозофскиот факултет

by irena 15:00
15:00

Министерката за образование и наука, Весна Јаневска, денеска изјави дека ситуацијата со Филозофскиот факултет е сложена и дека не е во нејзина надлежност да утврдува дали некој од кадарот ќе сноси одговорност.

– За тоа постојат други институции во земјата. Се надевам дека постапката ќе се одвива како што треба. Би сакала да верувам дека станува збор за изолиран случај, а не за тенденциозно дејствување, но токму затоа другите институции ќе го дадат својот збор – рече Јаневска по увидот во градежните активности во Основното училиште „Крум Тошев“ во село Трубарево.

На прашањето дали ќе им бидат поништени дипломите на магистрите, таа посочи дека сè уште се чека извештајот, но доколку се поништи уписот, ќе следува и поништување на дипломите.

Раководството на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје вчера соопшти дека на седум студенти на магистерски и на четворица на докторски студии им се поништува уписот и статусот на студенти, односно им се прекинува студирањето. Станува збор за лица кои претходно завршиле тригодишни стручни студии.

Оттаму информираа дека постапуваат согласно заклучоците на Државниот просветен инспекторат (ДПИ), кој при надзор утврдил нерегуларности при нивниот упис на повисоки циклуси студии.

Деканот на факултетот, проф. д-р Оливер Бакрески, изјави дека студентите не остануваат без диплома, но дека не бил почитуван законот, кој предвидува дека само со академски, а не со стручни студии, може да се продолжи на втор и трет циклус. Во конкретниот случај, стручните студии биле третирани како академски, што овозможило упис спротивно на важечкиот закон од 2018 година.

Првиот ваков упис бил направен во 2019 година. Досега нема докторирани студенти од оваа категорија, додека осум лица магистрирале по едногодишни студии. Засега нема одлука од Инспекторатот дали нивните дипломи ќе останат важечки.

Јаневска и претходно изјави дека Филозофскиот факултет треба да постапи по наодите на ДПИ, а конечната одлука ќе биде донесена по добивањето на целосниот извештај.

Слични вести