МВР информира дека вчера попладне во 17.30 часот во СВР Тетово 77-годишна жена од Тетово пријавила дека околу 11 часот била измамена од непознат маж, кој и се јавил телефонски и лажно претставувајќи се како инспектор и рекол дека нејзината ќерка прегазила малолетник и за да не оди во затвор ќе мора да му даде пари.
Таа му дала 4.200 евра, односно ги оставила на местото на кое се договориле, но подоцна сфатила дека немало никаква сообраќајна несреќа, односно дека била измамена.
До редакцијата на „Фокус“ стигнаа неколку поплаки од граѓани кои се жалат дека имало обид да бидат измамени со истиот или сличен тип на измама.
Се почесто деновиве, се јавува, нормално кај повозрасни граѓани, извесен лажен доктор кој кажува дека член на семејството на оној на кому му се јавуваат направил сообраќајна незгода, па мора да му бидат вградени златни шипки во нозете за да не дојде до ампутација. Чудното во целата оваа работа е што додека се јавува непознатиот на жртвата, накратко на телефон му (и) ја даваат повредената личност, а преправениот глас е речиси идентичен на личноста која е ќерка, брат, сестра, сопруга, сопруг, внука на потенцијалната жртва. Да биде ситуацијата уште позачудувачка, измамниците ги знаат имињата на и дел од членовите од најблиското семејство на жртвата.
Бараат од жртвите неколку илјади евра за да се интервенира брзо, но штом во приказната ќе се вклучи помлада личност (најчесто роднина на жртвата) веднаш ја прекинуваат врската.
Ѕвонат и на фиксен, но и на мобилен телефон, нормално, од скриен број.
МВР апелираше да не се наседнува на измамите, но барем засега нема информација дека групата е откриена и уапсена.