Иран соопшти дека неговиот конечен предлог до Оман за повторно отворање на теснецот Хормуз предвидува еден пловен пат да остане целосно под иранска контрола, а дел од другиот пловен пат исто така да биде под контрола на Иран.
Ова го изјави заменик-министерот за надворешни работи на Иран, Казем Гарибабади, пренесува Анадолу. Теснецот Хормуз е од клучно значење за глобалното снабдување со енергија, а неговото затворање е еден од главните извори на тензии во актуелната криза меѓу Иран и САД.
Гарибабади за иранската државна телевизија изјави дека Оман предложил привремена поморска рута што би ги заменила сегашните северни и јужни рути низ теснецот.
Според тој предлог, рутата би била поделена така што 50 проценти од неа би биле под контрола на Иран, а 50 проценти под контрола на Оман. Техеран го одби тоа.
„Нашиот предлог е еден пловен пат низ теснецот да биде целосно под иранска контрола, а дел од другата рута исто така да биде под иранска контрола. Тоа е нашиот конечен став и Иран нема да прифати никаква друга формула“, рече Гарибабади.
Гарибабади додаде дека теснецот Хормуз ќе остане затворен доколку Оман не го прифати предлогот на Иран.
Тој исто така нагласи дека Техеран е подготвен за можноста од обновен конфликт. Ројтерс пренесува дека Иран го претставил својот предлог како привремен аранжман за повторно отворање на теснецот, при што еден правец на сообраќајот би се одвивал низ иранските води, а дел од спротивниот правец исто така би бил во иранските води.
Иран тврди дека предлогот на Оман за рамноправна поделба на рутата не ги решава неговите безбедносни грижи сè додека не се постигне долгорочна регионална стабилност.
Теснецот Хормуз е еден од најважните поморски премини во светот. Низ него поминува голем дел од глобалната трговија со нафта, поради што секоја закана за затворање или ограничување на пловидбата веднаш предизвикува страв од прекини во снабдувањето и раст на цените на енергенсите.
Во тек се преговори меѓу Иран и Оман, додека посредниците се обидуваат да ги смират тензиите во конфликтот меѓу САД и Иран и да отворат простор за продолжување на пошироки разговори. „Волстрит џурнал“ известува дека Оман се обидува да организира безбеден премин на комерцијални бродови низ Хормуз со цел да се обноват мировните преговори врз основа на рамковниот договор меѓу Вашингтон и Техеран од јуни. САД инсистираат на слободна пловидба низ Ормуз, додека Иран сака да ја задржи контролата врз преминот и условите за транзит.
Во позадина на преговорите се американската поморска блокада на Иран и неодамнешното запирање на американските воздушни напади, со што претседателот Доналд Трамп ѝ даде простор на дипломатијата, но предупреди дека нападите би можеле да продолжат доколку преговорите не успеат. Оман го информира Вашингтон за разговорите, иако САД формално не се директен учесник во преговорите.