Интервју со проф. Владимир Радевски: Единствен приватен универзитет во Македонија со ASIIN акредитација за информатика

by irena 12:16
12:16

ФОКУС: Можете ли да им кажете на нашите читатели што значи АСИИН (ASIIN – Accreditation Agency for Study Programmes in Engineering, Informatics, Natural Sciences and Mathematics)?

РАДЕВСКИ: АСИИН е водечка германска акредитациска агенција, членка на Германскиот акредитациски совет за високо образование. Покрај авторитетот и експертизата за вршење акредитација на студиски програми по инженерство, информатика, природни науки и математика во Германија, АСИИН акредитира студиски програми од овие области и институции на меѓународно ниво.

ФОКУС: Што значи за еден универзитет да биде меѓународно акредитиран? Како тоа им помага на студентите за време на студиите?

РАДЕВСКИ: На прво место е вредноста на самата меѓународна акредитација. АСИИН е врвно акредатициско тело и со самото тоа вредноста на оваа акредитација за Факултетот за компјутерска техника и информатика во дваесетгодишнината на неговото постоење е највисоко признане. Со оваа акредитација добивме потврда од највисоко европско ниво дека нашата работа ги исполнува специфичните нивоа и барања за европска информатичка програма преку доделениот квалификатив Euro-Inf Bachelor Quality Label од Европската мрежа за обезбедување квалитет во информатичкото образование.

Студентите добиваат повеќе непосредни предности: прво, акредитацијата потврдува дека она што го учат како програма и содржина е актуелно, релевантно и потребно. Се разбира дека сето тоа се одвива со потребните ресурси, опрема, услови за учење и поддршка. Понатаму, ова е и потврда за начинот на кој го минуваат своето искуство на Универзитетот. Акредитацијата ги проверува бројните сегменти на севкупното студентско искуство, од запишување до дипломирање. Тука спаѓа не само академското искуство, туку и администрацијата на студиите, управувањето со студентските обврски и специфичните ситуации. Понатаму, со ваква акредитација, студентите се стекнуваат со диплома непосредно призната и препознатлива, не само во Германија, туку и на европско и на меѓународно ниво, во повеќе од седумдесет земји. Стекнатата диплома ги поставува нашите студенти во мрежата на преку четиристотини институции во Европа и во светот, кои се членки на асоцијацијата на оваа акредитација.

Конечно, студентите добиваат и своевидна потврда дека се видливи на соодветен начин во професионалниот сектор.

Сево ова има несомнено високо влијание врз можностите за студиски размени во текот на студиите, како за студентите, така и за наставниот кадар, и висок степен на препознатливост на стекнатите квалификации на меѓународен план.

ФОКУС: Со кои вредности се одликува АСИИН и кои критериуми треба да ги исполнуваат универзитетите? Како се мониторираат тие и во што се состои процесот?

РАДЕВСКИ: Институционалното реноме на АСИИН се темели на исклучителен квалитет на експерти што го водат процесот, високи стандарди за обезбедување и контрола на квалитетот, како и востановена процедура и практики за изведување на акредитацијата. Барателот на акредитација, во тек на една година изготвува извештаи по точно дефинирани сегменти од целокупното функционирање на академската институција. Паралелно со тоа се доставуваат податоци, содржини и информации од академската организација и активност. Процесот е следен, не само од експерти и администратори од акредитациското тело, туку и од независни експерти, студенти и претставници на бизнис-секторот ангажирани од акредитациското тело, без знаење на институцијата-барател. Освен наставните содржини и практиките на студирање, се мониторира и начинот на испитување и оценување, изведувањето на праксите, меѓународните мобилности и слично.

Во напредна фаза на акредитацијата, тимот од експерти врши мониторинг во реално време во самата институција, со директна комуникација со сите чинители на академската институција – студенти, администрација, предавачи и локалната информатичка бизнис-заедница.

Процесот е двонасочен – ние како институција добивме насоки за развој и всушност, составен дел на добиената акредитација се и договорените механизми за заедничко следење на квалитетот преку имплементација на барања и препораки, кои произлегоа од самиот процес.

ФОКУС: Можете ли да кажете нешто за општите трендови во ИТ-програмите? Дали сѐ уште се вреднуваат високото образование и дипломата? Дали кратките онлајн-курсеви можат да го заменат формалното образование?

РАДЕВСКИ: Скорешните новини во доменот на компјутерските науки, и од аспект на достигнувања, и од аспект на пристапност на истите, и пред сѐ нивната моќност, наметнаа нови размислувања за процесот на профилирање нов кадар со нови знаења, вештини и способности. Во морето на мислења и ставови има голема разноликост на препораки и предвидувања. Потребата од обучување и дообучување во информатичките технологии секако е денес уште поаргументирана и валидна. Според мене, таа има и треба да има свој развоен пат и да комплементира во развојот на потребите во информатичките професии. Од друга страна, пак, универзитетското милје се наоѓа на дваесет и пет години од Болоњската декларација и преструктурирањето на високообразовните програми во рамката 3+2 годишни циклуси. Оние што го следат овој процес, сознателно имаат можност за анализи и заклучоци со круцијална важност. Ова е период кога веќе имаме искуство што значи реструктурирањето на програмите на пократки и попрактични студии.

Ако нешто е несомнен факт во вака претставениот развој на високото образование, тоа е дека актуелното време бара вистинско и реално знаење. Значи, овде треба да се забележи дека клучно е знаењето. Знаењето треба да биде релевантно, но во секој случај е незаменливо. Ова знаење, иако навидум подостапно од кога било, се чини дека е потешко да се постигне. Најголемите и најквалитетните институции во светот, кои нудат високо образование од областа на информатиката, ниту ги скратија, ниту ги поедноставија, а ниту, пак, ги направија своите програми попрактични или сведени на обуки. Секако дека Универзитетот гради и универзитетски образувана личност со пошироко општествено значење. Но, на ниво на градење професионален профил во компјутерското иженерство, односно информатиката, сериозните универзитетски студии, не само што ја одржуваат својата неприкосновена вредност, туку и обезбедуваат сигурен професионален развој, уште повеќе во време на докажан потенцијал на дисрупции – и во бизнис-секторот, и во поглед на достапните технологии и алатки.

Традиционалната поставеност и капацитетот на Универзитетот, како институција што го нуди стекнувањето на овие знаења, во никој случај не е доведена во прашање. Напротив, условите за упис се заоструваат, тежината на студиите е задржана. Прашањето е колку високообразовните институции се квалитетни во својата работа, колку ги следат светските трендови и со што го гарантираат својот квалитет. Дали знаењето може денес, за разлика од минатото, да се постигне и на други начини – можеби да – но, да не заборавиме дека, сепак, сѐ уште зборуваме за она исто знаење што го нуди современиот универзитет во своите три или четиригодишни студии на прв циклус. За сега мислам дека немаме валидна алтернатива на начинот на стекнување знаење во квалитетен универзитет.

ФОКУС: Какво влијание врз вашата работа во иднина ќе има добивањето на акредитацијата АСИИН?

РАДЕВСКИ: Најпрво, тимот што беше носител на самиот процес, од наша страна научи многу нови аспекти и меѓународно востановени  практики, како и нови позиции на рефлексија врз нашата активност. Мислам дека значително го подигнавме нашиот капацитет за интеракција во националните процедури за акредитација на програми. Го потврдивме постигнатиот квалитет и нивото на академска поставеност на највисоко ниво и чекориме кон идните развојни предизвици од позиција на припадност кон група на меѓународно признаени програми и академски институции на извонредност. Припадноста кон групата на акредитирани институции и студиски програми секако отвора можности на сосема ново ниво, во поглед на развој на постојните и понуда на нови наставни програми – но секако и академски практики во најшироката смисла на зборот.

ФОКУС: Од неодамна, Универзитет Американ колеџ Скопје е дел од Global University Network of Excellence (AGUNE), кажете ни нешто повеќе за тоа?

РАДЕВСКИ: Глобалната мрежа на извонредност е место каде што универзитетите, кои нудат програми од инженерство, информатика, природни науки и математика, комуницираат на еднакво рамниште и работат под компатибилни визии, програми и стандарди. Следствено, овозможени ни се нови можности за меѓународна академска соработка, мобилност и можности за вработување на нашите студенти, заеднички истражувачки и апликативни проекти, како и учество во семинари, конференции и други иницијативи. Во вака распространета мрежа на компатибилни институции, нашиот Факултет има можност за бројни соработки и стекнување дополнителни предности за својот иден развој.

ФОКУС: За крај, каква порака ќе им упатите на идните студенти во земјава?

РАДЕВСКИ: Најдобро време за студирање е по завршувањето на квалитетно средно образовние. Најдобра област за студирање е онаа која со пасија ја сакате и за која имате способност. Одберете најдобра можна институција, а ако изберете информатика, бидете сигурни дека според нивото на интелектуалниот предизвик, суштинската елеганција и неприкосновената моќ на знаењето, иднината на оваа област има уште многу потенцијал за позитивни изненадувања.

 

 

Слични вести