Разговараше: Сара Танаскоска
Горан Трајковски Штраус е кандидат за градоначалник на Кисела Вода од редовите на СДСМ, кој на претстојните локални избори ја бара довербата за својот прв мандат во оваа скопска општина. Во интервју за „Фокус“, Трајковски ги презентираше своите главни приоритети, меѓу кои се борбата против загадувањето, подобрување на урбаната инфраструктура и инвестиции кои ќе ги задржат младите, како и визијата за општина која ќе работи во интерес на сите свои граѓани.
ФОКУС: Што Ве мотивираше да се кандидирате за градоначалник на Кисела Вода?
Трајковски: Влегов во оваа битка затоа што верувам дека борбата треба да се води кога е тешко, а не само кога е лесно. Јас не калкулирам. Мојата мотивација не е лукративност ниту личен интерес, туку само едно – Кисела Вода заслужува да биде чиста, пристојна и перспективна општина. И најважно од се, оваа борба е за нашата иднина, за нашиот дом и за такви вредности е навистина „вредно“ да се борите!
ФОКУС: Каква е Вашата визија за Кисела Вода? Што би сакале да промените прво?
Трајковски: Да се стави крај на комуналната и институционална негрижа и да започне ера на вистинска грижа за граѓаните на Кисела Вода, каде парите ќе се трошат за реалните потреби на граѓаните, и драстично ќе се подобрат условите во кој тие го живеат своето секојдневие – чистотата, сообраќајната инфраструктура, проблемот со паркирање, условите за најмладите во градинките и училиштата и секако загадувањето..
Мои најсериозни приоритети се следните:
- Чиста Кисела Вода и Безкомпромисна Борба Против Загадувачите. Крај на ѓубрето и дивите депонии, радикално подобрување на комуналниот ред.
- Инвестиција во Младите – Нашата Иднина! Целосно субвенционирана партиципација за дечињата во градинките во Општината и 70% субвенција на здрав оброк за децата во основните училишта на општината.
- Урбанизам со човечко лице и социјална правда! Инфраструктура, канализација, осветлување и асфалтирани улици. Урбанизацијата за мене не подразбира нови парцели и високоградби, туку инфраструктурни инвестиции во насока на подобрување на сообраќајната инфраструктура, водовод и канализација, справување со проблемот на притисок на вода на повисоките места, повеќе паркинг места (особено сензитивен е делот позади салата Расадник каде што е буквално секојдневен хаос со паркирањето и борба за паркинг место).
ФОКУС: Кои се најголеми проблеми со кои, според Вас, се соочува општината во моментов?
Трајковски:
- Хаос и недостаток на вистинска грижа за граѓаните. Општината се дави во ѓубре.
- Дел од сервисните улици се распаѓаат.
- Урбанистичката слика е хаос (недостаток на инфраструктура, канализации, осветлување).
- Загадувањето и недоволната контрола на големите индустрии кои се потенцијални загадувачи како Цементарница „Усје“ и проблемот со линданот во „Охис“.
- Трошење на буџетот на „скап ПР, музички хепенинзи кои слиужеа за забава на партиски раководства на ДПМНЕ, огромни суми на авторски договори и адвокатски услуги, наместо на граѓаните и нив ните реални потреби.
ФОКУС: Урбаното ширење и загадувањето се сериозен предизвик. Што конкретно ќе преземете за заштита на животната средина во Кисела Вода?
Трајковски: Ќе се борам за заштита на животната средина и против агадувањето
- „Крај на ѓубрето и дивите депонии! Радикално го подобруваме комуналниот ред.“
- „Борба против загадувачите без компромис и без повлекување! Како градоначалник, ќе го искористам секој легален и институционален механизам за да воспоставиме контрола, особено врз Цементарница „Усје“. Здравјето на нашите граѓани нема да биде предмет на преговори!“
- Урбанизам/Зеленило: „Целосна обнова и раззеленување на запуштените паркови и нови зелени скверови.“
ФОКУС: Како кандидат од СДСМ, кои се главните вредности на партијата што сакате да ги пренесете на локално ниво?
Трајковски: Тоа се вредностите на СДСМ кој и јас лично ги споделувам и верувам дека се единствено исправни и нужни за една индивидуа како предуслов за транспарентна и посветена работа за заедницата и граѓаните
- Интегритет.
- Работливост
- Љубов кон заедницата (грижа за сограѓаните).
- Транспарентност, отчетност и посветеност.
- Партнерство со граѓаните (достапен на терен).
- Социјална правда (преку бесплатни услуги и субвенции за ранливите категории и младите).