Бобан Стефковски е градоначалник на Гази Баба од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, кој на овие локални избори ја бара довербата за втор последователен градоначалнички мандат на оваа специфична скопска општина, која опфаќа 12 населени места во урбаниот дел и 14 населени места во руралниот дел. Во интервју за „Фокус“, Стефковски вели дека во изминатиот мандат реализирал 670 нови проекти и најавува дека за време на неговиот следен мандат, меѓу другото, комплетно ќе биде реализиран проектот „Гази Баба без кал“. Тој посочува дека не е против развојот и градењето, но додава дека не планира да отстапи од заложбата да не дозволи да царува урбаната мафија.
Разговараше: Влатко СТОЈАНОВСКИ
ФОКУС: Дали кандидатурата за втор последователен градоначалнички мандат на Гази Баба ја доживувате како успех и привилегија, или, условно кажано, како утешна награда, со оглед дека бевте во најтесна конкуренција и за кандидатура за градоначалник на Град Скопје, но на крај изборот падна на Орце Ѓорѓиевски?
СТЕФКОВСКИ: Мојата кандидатура за втор мандат за градоначалник на општина Гази Баба е признание за мојата посветена работа во првиот мандат. Многупати во минатото имам кажано дека за мене е голема чест што моето име беше едно од неколкуте имиња за можен кандидат за градоначалник на Градот Скопје, но најважно од се е тоа што номинацијата е дојдена од граѓаните, а тоа говори дека тие ја препознаваа мојата работа и резултати. Колегата Орце Ѓорѓиевски беше успешен градоначалник на општина Кисела Вода и убеден сум дека ќе биде успешен градоначалник и на Градот Скопје, и за тоа ја има мојата целосна поддршка.
ФОКУС: Колку сте задоволен од актуелниот градоначалнички мандат? Дали сметате дека во рамки на изминативе 4 години ги постигнавте стратешките цели и програмските ветувања? Или, пак, сметате дека можевте повеќе?
СТЕФКОВСКИ: Без воопшто да звучам нескромно ќе кажам дека сум задоволен од стработеното.
Од првиот ден на мандатот работевме посветено по 12 часа во денот, а најчесто и за викенд. Општината ја отворивме за граѓаните, а тоа го говори и последниот Индекс за активна транспарентност на Центарот за граѓански комуникации во кои Општина Гази Баба е на прво место во Скопскиот плански регион со најголема транспарентност. Реализиравме голем број на проекти со кои значително се подобри животот на граѓаните.
Не велам дека е направено се, имаме уште работа но ги уверувам граѓаните дека направивме се што е во наша моќ за да реализираме што повеќе проекти. Ќе направевме уште повеќе доколку во првите две години од нашиот мандат ја имавме поддршката од Владата, но наместо поддршка Владата на СДСМ и ДУИ правеше притисоци, одземање на ингеренции и опструкции на сите постапки за кои беше потребна согласност од државните институции. Но, за среќа на граѓаните, во третата и четвртата година од мандатот Македонија доби Влада која е партнер на општините, а со тоа и партнер на граѓаните.
ФОКУС: Кои се главните проекти што би ги издвоиле и кои направија голема и значителна разлика на подобро во функционирањето на Општина Гази Баба, но и во секојдневното живеење на жителите на општината? Истовремено, кој битен проект што сте го планирале не сте успеале да го реализирате, и зошто?
СТЕФКОВСКИ: Реализиравме вкупно 670 нови проекти. Она на што најмногу внимавав е тоа да имаме рамномерен регионален развој, односно да инвестираме и во урбаниот и во руралниот дел на општина Гази Баба со цел да немаме повеќе заборавени населени места.
Кога дојдов за градоначалник во општината имаше населени места без вода за пиење, немаше ниту еден проект за изградба на детска градинка, скоро сите населени места во руралниот дел на општината беа без фекална канализација, училиштата без спортски сали, повеќе од 270 неасфалтирани локални улици и уште многу други сериозни проблеми. Од првиот ден на мандатот, наместо да се жалам јас почнав да работам. Денес состојбата во општината е многу поразлична.
Значително го подобривме водоснабдувањето во населените места кои беа без вода за пиење, градиме две нови детски градинки во Трубарево и во Инџиково, а наскоро од денес започнуваме со изградба и на трета детска градинка во Маџари. Изградивме училишни спортски сали за ООУ Кирил и Методиј во Стајковци и ООУ Наум Охридски во Булачани, а интензивно се гради и училишната сала во Црешево. Градиме нова училишна зграда за ООУ Крсте Мисирков во Ченто.
Го реализиравме и проектот за бесплатни училишни униформи за сите 6800 ученици, ги воведовме мерките 3000 денари за секое прваче, 3000 денари за првенец на генерација и 5000 денари за секое новороденче. Интензивно се работи и на комплетната реконструкција на Домот на културата 11 Октомври во Ченто кој повеќе од 30 години беше најцрната точка во општината.
Асфалтиравме 170 локални улици, изградивме 60 детски забавни катчиња, 35 спортски терени на подлога од тартан, 7 спортски терени на вештачка трева, 6 фитнес зони, изградивме спортски центри во Хиподром, Стајковци, Идризово, Керамидница и Инџиково, нови зелени паркови во Маџари, Ченто, Хиподром 2 и Автокоманда.
Едноставно нема област во која не се реализирани проекти и нема населено место во кое не е инвестирано. Она за што жалам и што не успеавме да го направиме се проектите чија реализација зависи од други институции, а во случајот тоа е Градот Скопје.

ФОКУС: Општина Гази Баба е територијално голема и специфична општина, и со урбан и со периферен рурален дел. Па, според Вас, на што треба приоритетно да се работи во иднина од аспект на надлежностите на локалната самоуправа, кои се однесуваат од алфастирање на улици, изградба на паркови, игралишта и сл, па се до функциите во образованието, културата, животната средина, локалната економија…?
СТЕФКОВСКИ: Токму така, општина Гази Баба по составот на својата територија е специфична општина. Секое населено место има свој проблеми и недостатоци. Затоа нашето делување го насочуваме согласно потребите на секое населено место.
Општина Гази Баба изминатите четири години го трасираше својот пат на развојот и треба да продолжи да чекори по тој пат. Следната година општината ќе одбележи 50 години од своето постоење. Мојата лична заложба е во петтата деценија од своето постоење општината да влезе без децениските проблеми со кои се соочуваат граѓаните.
Ако во првиот мандат успеавме да направиме 32 километри нова мрежа на фекална канализација, сигурен сум дека во вториот мандат ќе ја надминеме оваа бројка, ако успеавме да го реконструираме Домот на културата 11 Октомври во Ченто, во вториот мандат ќе успееме да го реконструираме и Домот на културата во Нова Колонија, ако успеавме да асфалтираме 170 локални улици, во вториот мандат ќе ги асфалтираме и сите останати улици и комплетно ќе го реализираме проектот „Гази Баба без кал“.
Едноставно не давам празни ветувања кои се убави за слушање во пресрет на изборите, ветувам реално, а гаранција дека ветеното го остварувам е отчетот кој го дадов за мојата работа во првиот мандат.
ФОКУС: Колкав дел од општината е покриена со фекална и со атмосферска канализација и што треба во иднина да се направи во овој сегмент? Воедно, дали одредени делови од општината имаат проблем и со водоснабдување, и ако е така – што се презема и што ќе се преземе да се надмине оваа ситуација?
СТЕФКОВСКИ: Општина Гази Баба има 26 населени места од кои 12 се во урбаниот дел и 14 се во руралниот дел. Кога дојдов за градоначалник четири населени места беа без вода за пиење, денес таа состојба е надмината.
По однос на фекалната канализација, од вкупно 14 населени места во руралниот дел на општината 11 населени места беа без фекална канализација. Четири години потоа, имаме изградено 32 километри нова мрежа на фекална канализација, а состојбата по населени места е следна: Смилковци, Страчинци и Црешево се населени места кои комплетно добија фекална канализација.
За Јурумлери обезбедивме средства од повикот на Владата и наскоро започнува последната фаза од изградбата на новата мрежа. За населените места Гоце Делчев и Чукур Маало обезбедени се средства преку Министерството за животна средина и општината и во тек е јавната набавка за избор на економски оператор по што и овие две населени места ќе имаат комплетна мрежа на фекална канализација.
Исто така преку Владата обезбедивме средства и наскоро започнуваме со изградба на фекална канализација за населените места Идризово и Дрма. Она што останува за вториот мандат е да изградиме фекална канализација за Раштак, Булачани, Виниче, Брњарци и Ергеле.
Што се однесува до атмосферската канализација, инвестиравме и на тоа поле во урбаниот дел, она што е најголем проект и кој започнуваме да го реализираме е изградба на атмосферска канализација на улица Гемиџиска и улица Филип Филиповиќ во Железара. Токму одговорот на ова прашање е доказ дека сум цврсто решен да ставам крај на децениските проблеми во општина Гази Баба.
ФОКУС: Во Општина Гази Баба се забележува засилена урбанизација, која досега беше предизвик главно за други општини како Центар, Карпош, Кисела Вода. Сега се забележува засилена диманика на изградба на станбени згради во населби како Автокоманда, Ченто, Хиподром и др.? Дали тоа создава проблеми во други сегменти, како сообраќајот, паркирањето и сл.? И, како ќе се поставите и ќе делувате кон овој процес, кој е во тесна корелација со (не)хуманото живеење?
СТЕФКОВСКИ: Точно е дека во изминатите години се забележува засилена урбанизација и градежна активност и во нашата општина – нешто што порано беше поизразено во Центар, Карпош или Кисела Вода. Населбите како Автокоманда, Ченто, Хиподром и други сè почесто стануваат атрактивни за инвеститорите, а тоа ни носи нови предизвици.
Јас не сум против развојот и градењето – напротив, тоа е дел од природниот урбан раст на секоја општина. Но, развојот мора да биде плански, одржлив и воден од интересот на граѓаните, а не само од интересот на пазарот.
Со засилената урбанизација, нормално е да се јават и предизвици – зголемен сообраќај, проблеми со паркирањето, притисок врз детската инфраструктура, зеленилото и јавните површини. Затоа мојот пристап е јасен: урбанизацијата мора да оди рака под рака со инфраструктурата, но никако не смееме да дозволиме урбанизација по секоја цена!
Како градоначалник, се залагам за уредено и квалитетно живеење. Тоа значи секоја нова зграда мора да биде поддржана со соодветна инфраструктура – улици, тротоари, паркинг места, детски градинки, училишта, но и зелени површини.
Урбанизацијата не смее да значи загушување, туку подобрување на условите за живот. И тоа е правецот во кој се движиме и од кој нема да отстапиме.

ФОКУС: Еден од начините на кој урбанистички се уредува една општина е преку изработка на урбанистички планови. Додека се чека новиот Генерален урбанистички план за Град Скопје, дали како Општина Гази Баба редовно и интензивно носите детални урбанистички планови за разни реони, кои повеќе би биле во интерес на остварување на правата на граѓаните, отколку на инвеститорите? Дополнително, има ли голем број на дивоградби и како се справувате со нив?
СТЕФКОВСКИ: Постапките за носење на Деталните урбанистички планови се јасни, надвор од тоа како градоначалник иницирав граѓански дијалог со граѓани, месни и урбани заедници и невладини организации кои се занимаваат со екологијата и заштитата на животната средина.
За секоја измена на Детален урбанистички план се организираат јавни расправи и се дебатира, граѓаните даваат забелешки, плановите се изменуваат согласно забелешките и повторно се враќаат на јавна расправа пред граѓаните. Завршено е времето во општината кога тајно и на сила се носеа Детални урбанистички планови. Денес за развојот на општината одлучуваат граѓаните, а не локалните моќници.
Што се однесува до дивоградбите. Општината под себе има голема територија. Законите кои во минатото ги донесе државата за легализација на бесправно изградени објекти ги спроведуваме и во општината континуирано се работи на решавање на барањата на граѓаните. Има обиди и за градење на нови дивоградби, но тука веднаш реагира инспекторатот на општината и се носаат акти согласно Законот.
На првиот ден од мандатот кажав дека нема да дозволам урбаната мафија да царува низ Гази Баба и од таа моја заложба не мислам да отстапам. Познато е на јавноста како заврши дивоградбата во Инџиково во септември 2023 година. Ја урнавме и на тоа место денес во завршна фаза е изградбата на нова детска градинка. Ми се закануваа, ме следеа, доаѓаа пред општината за да ме нападнат, но не ме поколебаа, напротив ме мотивираа. На Македонија и се потребни силни институции, а не моќни поединци!
ФОКУС: Иако тоа не е во Ваша надлежност, би Ве прашал како граѓанин што мислите во врска со се почестото отворање на објекти за игри на среќа, што е генерален тренд кој не ја одминува ниту Гази Баба, каде на секој чекор се отвора ваков објект, а има најава за нивно отворање во нови згради во маала каде досега никогаш ги немало (Триангла)? Дали тоа е алтерантива што треба да им се понуди на младите?
СТЕФКОВСКИ: Иако, самиот напоменувате, ова прашање е надвор од директните ингеренции на локалната самоуправа, не можам, како човек и градоначалник, да останам рамнодушен на сè поголемата појава на објекти за игри на среќа во урбаните средини, вклучително и во нашата општина.
Свесен сум дека ова е тренд кој загрижува многу наши сограѓани, особено кога се работи за близината на овие објекти до училишта, детски паркови и густо населени станбени згради. Верувам дека ова не е алтернатива која треба да им ја нудиме на младите. Напротив, ние како општина вложуваме во спортски, културни и едукативни содржини кои ќе создадат здраво опкружување и ќе ги поттикнат младите да градат корисни навики.
Мојот личен став е дека треба да се иницира измена на законската регулатива на државно ниво, со која ќе се воведат поригорозни ограничувања за местоположбата и бројот на ваквите објекти, особено во станбени маала и во близина на образовни институции. Верувам дека оваа тема заслужува широка јавна дебата, во која ќе бидат вклучени граѓаните, експертите и сите засегнати страни.
ФОКУС: Во подрачјето на Гази Баба има неколку фрагилни точки кои претставуваат еколошки бомби. Една од нив е дивата депонија Вардариште, која често се пали и загадува, па по тој повод се одржуваа граѓански протести. Другата е некогашниот дом за деца без родители „Ранка“, кој исто така прерасна во своевидна депонија. Зошто, и покрај сите најави, досега не се решени овие проблеми? Како планирате да ги решите во следниот мандат, самостојно како локална самоурапава или во соработка со централната власт?
СТЕФКОВСКИ: Депонијата Вардариште претставува најголем еколошки проблем не само за општина Гази Баба, туку и за цело Скопје. Истата е настаната по земјотресот кога на тоа место се вршел ископ на суровини кои се користеле за изградба на Скопје, а потоа настанатата дупка од ископот била затрупувана со отпад. Сите политички структури наназад со години го ветуваат решавањето на депонијата, но никој нема превземено конкретни мерки.
Ќе кажам две работи. Прво, ја гледам кандидатката за градоначалник на Скопје од СДСМ Каја Шукова како ветува одреден систем за управување со отпад и изградба на така наречена претоварна станица. Ова што го ветува СДСМ е уште еден доказ дека тие не живеат во реалноста. Зошто? Граѓаните бараат на тоа место да не постои депонија, а не некој да организира претоварна станица.
И навистина е срамно и за СДСМ и за Каја Шукова бидејќи имаа седум години апсолутна власт, но наместо решение на депонијата, СДСМ од за нив познати причини во периодот од 2017 до 2021 година дозволуваше на одредени компании кои возеа камиони со струмички регистарски таблици да депонираат отпад на Вардариште, а по моето доаѓање во општината воведов двосменско работење на инспекцијата и постојан надзор над депонијата и санкционирање на секој еден кој ќе се обиде да депонира отпад таму.
Второ, по неколкуте „случајни“ пожари кои се случија на повеќе локации низ Скопје, вклучувајќи ја и депонијата Вардариште оддржавме неколку состаноци во Владата и се превземаа конкретни чекори од аспект на забрана за движење на депонијата, обезбедување од страна на агенција за обезбедување и постојан надзор од страна на Министерството за Внатрешни работи со помош на дронови.
Дополнително, интензивно се работи на изработка на останатите два детални урбанистички планови за депонијата и по изборите заедно со идниот градоначалник на Скопје и сериозна поддршка од Владата ќе пристапиме кон трајно решавање на овој проблем. Имаме план и визија и верувам дека доаѓа времето кога Вардариште ќе замине во историјата.
Што се однесува до поранешниот дом Ранка Милановиќ, од страна на општина Гази Баба изминатиот период во неколку навради беше извршено чистење на просторот. Решението на тој проблем е поделено во два дела: едниот дел е со луѓето кои се населени во тие простории, дел од нив со решение од поранешната министерка Мила Царовска, а дел од нив на диво и вториот дел е со објектите.
По однос на првиот дел, Министерството за социјална политика, демографија и млади веќе работи на изнаоѓање решение за сместување на луѓето, а во вториот дел општина Гази Баба побара Владата која е сопственик на објектите и земјиштето да ни го предаде на нас и ние потоа да пристапиме кон рушење на објектите.

ФОКУС: Опозицијата често Ве обвинува дека сте им овозможиле на блиски лица и компании да добиваат тендери преку општината, како и дека сте стекнале недвижен имот. Како ги коментирате овие обвинувања? Има ли вистина во тоа?
СТЕФКОВСКИ: Во недостаток на аргументи и факти поврзани со реалноста во општината, опозицијата се насочува кон црна кампања со лажни содржини. Се што поседувам е пријавено во мојот анкетен лист пред Државната комисија за спречување на корупција, а што се однесува до постапките за јавни набавки, сите постапки се водат согласно Законот. Не постојат компании на мои така наречени блиски луѓе кои имаат добиено јавна набавка во општина Гази Баба. Мојата порака до опозицијата е да се реформира и да се насочи кон креирање на политика базирана на факти и аргументи, а се до тогаш ќе губат на избори и ќе бидат казнувани од граѓаните.